1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со маски во училиште, без маски во кафуле

8 декември 2009

Во Македонија е десеткратно зголемена продажбата на заштитни маски од почетокот на епидемијата на новиот грип. Надлежните размислуваат за вонредни мерки, затворање на училиштата.

https://p.dw.com/p/Kwaw

Во секоја аптека во Скопје се продаваат по најмалку 200 заштитни маски дневно, луѓето во маалските аптеки се распрашуваат дали можат да го набават лекот „тамифлу“ без лекарски рецепт, здравствените власти се обидуваат да ја предвидат кулминацијата на епидемијата, за да можат да ги затворат училиштата и да прогласат предвремен распуст.

Grippeschutzimpfung Flash-Galerie
Само малкумина се вакцинираатФотографија: picture-alliance/ dpa

“Ако навистина има епидемиолошка состојба со голем број заболени, можно е Комисијата за пандемски грип да одлучи распустот за учениците да започне од Нова година, со божиќните празници и понатаму“, вели Јованка Костовска од Комисијата за пандемски грип.

Но, и без вонредни мерки за заштита од пандемијата, голем број училишта и градинки се полупразни. Учениците се плашат од заразата и ја бојкотираат наставата, но не стравуваат дека од вирусот можат да се инфицираат во преполните кафулиња и дискотеки.

Нема интерес за вакцинација

Додека најпродавани аптекарски производи деновиве се витамините и маските, за вакцината против новиот грип нема голем интерес. За неколку дена, откако во земјата пристигнаа првите 20 000 дози, се вакцинирале околу 1500 граѓани, од кои половина се медицински лица, а останатите главно повозразни луѓе и хронично болни. Мнозинството од граѓаните настојуваат да се заштитат на поинаков начин.

Deutschland Schweinegrippe Pandemie Tamiflu Tabletten
Се бара „тамифлу“Фотографија: AP

“Порано маски се продаваа индивидуалано, купуваа медицински лица, главно по десетина до најмногу дваесет дневно. Сега продаваме по најмалку 200 заштитни маски дневно, купуваат и млади и стари, но главно ученици пред да одат на училиште доаѓаат по маски. Освен тоа купуваат витамини, се‘ што може да го зајакне имунитетот“, објаснува за Дојче веле фармацевтката во една локална аптека во Скопје.

Инфективна клиника е преполна

Болниците се преполни, надлежните бараат начин да отворат нови сместувачки капацитети. На Инфективната клиника нема слободни кревети.

“Пациентите кои што се наоѓаат на третман на инфективната клиника со максимално залагање на целокупниот кадар ги добиваат сите потребни терапевтски мерки и се спроведуваат сите неопходни дијагностички процедури“, објаснува доктор Жаклина Шопова од Клиниката за инфективни болести.

Од појавата на опасниот грип во Македонија од него заболеа повеќе од 12 илјади луѓе, од кои над 2 илјади се регистрирани само последнава недела. Бројката на смртни случаи се искачи на седум.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска