1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со работа почна новиот Бундестаг

Албрехт Брајтшу
26 октомври 2021

За сѐ постои формулар, а за добивање службена имејл адреса треба време - многу млади пратеници ја почнуваат својата „Бундестаг-авантура“ полни со возбуда и порција респект.

https://p.dw.com/p/42BfS
Deutschland | Sondersitzung des Bundestags zur Lage in Afghanistan
Фотографија: imago images/Achille Abboud

„На денот по изборите да излезеш од главната железничка станица, да се упатиш кон зградата на Рајхстагот и да си свесен: тоа во наредните четири години е моето работно место... Тоа беше навистина нешто посебно“, вели Јакоб Бланкенбург. Овој 24-годишник е пратеник на СПД директно избран во Биненбител, место во близина на Линебург. Тој е дел од групата пратеници кои се помлади од 30 години. Нивниот удел од 6% е скромен, но сепак е голем како никогаш досега. Кога Ангела Меркел во 2005 година стана сојузна канцеларка, уделот на толку млади пратеници беше 2%.

„Тоа го сметам за многу важно“, вели колешката на Бланкенбург, Мерле Шпелерберг од редовите на Зелените. „Но, исто толку важна е генерално разноликоста на Бундестагот. Кога пратенци би биле само 24-годишници, тоа исто така би било проблематично.“

Шпелерберг има добиени мандат преку саксонската покраинска листа на Зелените. Никогаш досега не биле подобри шансите младите пратеници да бидат слушнати и можеби да дадат печат со свој политички стил. Шпелерберг се ангажира особено по прашања од надворешната политика, односно, како што прецизира самата, се залага за „феминистичка надворешна политика“. Таа се занимава со проблеми кога правата на жените или правата на ранливите групи се потиснуваат во втор план. „Сакам да ги изложам моите теми, моите стручни познавања и моите перпективи. Кога на одредени состаноци ќе разговараме тематски, тогаш, како нова, прво ќе слушам. Но, ако забележам дека некои прашања не се зафатени, тогаш ќе се јавам за збор. Затоа сум и избрана.“

Повеќе: Фотографија на денот: Рекордно голем Бундестаг

Во кои комисии ќе се заврши како пратеник, ќе се знае по завршувањето на коалициските преговори. Младите пратеници се воздржани во формулирањето на желбите, впрочем како и сите новајлии, не само во политиката.

Deutschland Sitzungssaal Haushaltsausschuss des Bundestages
Каков ќе биде составот на комисиите ќе се знае по коалициските преговориФотографија: picture-alliance/U. Baumgarten

Формулари и стручни служби

Јаков Бланкенбург си поставил за цел „прво вистинско сместување“. Лидерот на подмладокот на СПД во покраината Долна Саксонија има веќе прилично многу искуство со политика на локално ниво, прилично добро го познава „животот“ на својата партија, но главниот град и Бундестагот се сосема нов предизвик, веќе само поради нивната големина: „Наредните недели ги сметам за фаза на запознавање, фаза во која сакам да го сфатам политичкото функционирање. Како овде сѐ функционира? Како изгледаат процесите? Не смее да се потцени дека Бундестагот е голема институција, во која за сѐ е потребен формулар и за сѐ има надлежен човек од стручните служби. Се пополнуваат неверојатно многу формулари, се ставаат иксови во неверојатно голем број квадратчиња и се потпишуваат многу барања.“

Повеќе:Повеќе пратеници со странско потекло во Германија

Имејл адреса и барање стан

И добивањето службена имејл адреса е проект за кој е потребно време. Бланкенбург сѐ уште чека на тоа. За новајлиите во Бундестагот и поради практични причини е разбирливо само по себе да се поврзуваат во мрежа за да ги совладуваат полесно помалите и поголемите предизвици на новото работно место. Покрај тоа, мора да се сместат во своите канцеларии и да ги пополнат со персонал.

Шпалерберг вели дека во моментов води многу разговори со кандидати за работа во нејзината канцеларија. Списокот на пријавени е долг. А, сѐ уште бара и стан: „Во моментов кај мене работите се според берлинското клише кога станува збор за сместување: сместена сум кај пријателка, чија сестра во моментов е на едногодишен престој во странство.“

И Јакоб Бланкенбург е сместен кај пријатели. Сака да си остави малку време со барањето стан, дотолку повеќе што и онака претходно патувал многу на релација Линебург-Берлин.

Deurschland Bundestag leeres Rednerpult
Да се зборува во Бундестагот е неверојатна чест и голема привилегија, велат младите пратенициФотографија: picture alliance/dpa/D. Kalker

Со радост се очекува првиот говор

Но, сето ова паѓа во позадина за време на денешната конститутивна седница на Бундестагот. „Еден пратеник ми рече дека во наредните недели и месеци често ќе се штипам и ќе се прашувам дали е сето ова реалност“, вели Бланкенбург. Радосен е пред сѐ поради парламентарните дебати, за кои вели дека сака да се водат со факти, да не бидат со навредувачки тон.

Повеќе: Колку заработуваат пратениците во Бундестагот?

Новајлиите би можеле да внесат поинаков стил и кога се работи за односот меѓу пратениците во пленумот. „Се разбира, предност е кога во овој бизнис влегува некој кој е непотрошен. Си зедов за задача да преферирам однесување при што по една жестока дебата сѐ уште ќе можеме да отидеме на пиво и да се погледнеме в очи.“

А, првиот говор во Бундестагот? „Да се зборува во Бундестагот е неверојатна чест и голема привилегија“, нагласува Шпелерберг. „Мислам дека ќе бидам многу нервозна. Но, не би било добро ниту да си комплетно релаксиран.“ И Бланкенбург очекува „особен момент“. Кога ќе дојде време да зборува, ќе се подготвува особено добро, вели тој: „Навистина му се радувам на тоа.“

Дали Бундестагот е токсичен за жените?