1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Спас“ или “киднапирање“ на 100-те деца во Чад?!?

30 октомври 2007

Лудгер Шадомски ја коментира спорната ситуација со “спасувањето“ на децата во Чад.

https://p.dw.com/p/BzBr
Членови на хуманитарната организација „Архе де Зое„ уапсени во ЧадФотографија: AP

На интернет страната на организацијата “Архе де Зое“ стои дека таа подржува проекти со деца-сираци во Дарфур и во подрачјата погодени од цунами брановите во Југоисточна Азија. Веќе на ова место би требало секому да му стане јасно дека нешто не е во ред со оваа хуманитарна организација. Бидејќи двете подрачја се толку оддалечени географски, културно и според трагедијата што ги снајде, што никој не може да најде логична поврзаност.

Единственото што ги поврзува тоа е големото внимание што го добија во медиумите. Тие станаа највносните места за ангажман на хуманитарната бранша, која денес е многу упатена на ТВ камерите доколку сака да го обезбеди токот на финансиски средства неопходен за нивната активност.

Конкретната афера со децата од Чад, според УНИЦЕФ, може да се смести негде во скалата меѓу незнаење и измама. А фактот што хуманитарната организација сакала да посредува дури 10.000 сирачиња од Дарфур на семејства без деца во Европа и Северна Америка и тоа за донации од по 1.400 евра – тоа е вистински скандал. Ова не смееше да се случи, веќе и поради тоа што шефот на организацијата Ерик Брето веќе од поодамна им беше познат на француските власти – и тоа не по добро.

Оваа тажна епизода меѓутоа внесува малку повеќе светлина и во кризата во која се наоѓаат хуманитарните организации како бранша. Нивните акции мораат да бидат се‘ поатрактивни, пошокантни и се‘ поблиску до кризите што го преокупираат светското јавно мнение. Амнести интернешенал на пример деновиве на нејзината интернет страна емитува сателитски снимки од свежо опустошени села во Дарфур. Има ли таквата морбидност навистина оправдување? Дарфур секако има доволно елементи на кризен регион. Таму се исламските милиции кои ги малтретираат цивилите на црнечкотонаселение. Тука се содржани сите елементи потребни за борбата на доброто и злото. Затоа четирите милиони жртви на војната во соседен Конго и понатаму чекаат да бидат откриени од светските медиуми.

Друг аспект на кризата на идентитет на хуманитарните организации е фактот што тие се повеќе дозволуваат да бидат вплеткани во воените дејствија. Таквиот тренд сериозно го оштети угледот на цела генерација хуманитарци од типот на Германецот Руперт Нојдек.

Кога во 2004-та година во југоисточна Азија потонаа цели села под налетот на цунами брановите, а нешто подоцна потонаа и милионите евра што ги донираа германските граѓани и организации, германските хуманитарци ветија темелно преиспитување на нивното постоење и активност. Од таквите добри намери до ден денес нема никакви резултати. Тоа меѓутоа би требало многу скоро да се надокнади, доколку хуманитарците не сакаат потполно да ја загубат довербата на германските донатори.