1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спас по 10 часа во Јадранското Море

ЕМФ / дв
20 август 2018

Животот си го спасила со пеење и благодарение на тоа што практикува јога, тврди Британката која падна од брод за крстарење. Од Јадранското Море беше извадена по 10 часа од страна на хрватската воена морнарица.

https://p.dw.com/p/33QIr
Kroatien Touristin Kay Longstaff aus Mittelmeer gerettet
Фотографија: Getty Images/AFP

Британката Кеј Лонгстаф во Јадранско Море падна од бродот за крстарење „Норвешка ѕвезда“. Причината за инцидентот кој се случи во саботата вечерта сѐ уште не е јасна, соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи. Британката паднала од седмата платформа на бродот.

И покрај интензивната потрага, жената е пронајдена од страна на воената морнарица на Хрватска дури во неделата, во 10 часот претпладне и тоа на само 1.300 метри оддалеченост од местото на несреќата. „Таа рече дека пеела за да не го чувствува толку студот во текот на ноќта“, изјави еден од спасувачите за британскиот весник „Сан“. Освен тоа, рекла и дека се чувствува добро затоа што практикува јога.

Експертите велат дека 46-годишната жена имала среќа во несреќа, затоа што морето било релативно мирно и топло. Освен тоа, се чини и дека жената е психички силна. „Овие прекрасни момчиња ме спасија. Многу сум среќна што сум жива“, изјави Британката за хрватската телевизија ХРТ.

Падот на Кеј Лонгстаф е снимен со надзорните камери на бродот и благодарение на нив можело отприлика да се ограничи подрачјето на пребарување. По лекарскиот преглед во боница, жената, која е стјуардеса и која живее главно во Шпанија, пред телевизиските камери изгледа добро расположена и во вчудовидувачки добра форма. Единствено има изгореници од сонцето на лицето.

Бродот „Норвешка ѕвезда“ во саботата вечерта испловил од Пула и се движел во насока на Венеција. Британката паднала нешто пред полноќ. Инцидентот се случил на околу 100 километри пред хрватскиот брег.