1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спектакл за 40 милиони долари

20 јануари 2005

Денеска по 55 пат ќе биде прогласен еден американски претседател. Врв на претставата е заклетвата на Капитол Хил, проследена со парада на претседателовиот конвој кај Белата куќа. Главниот град Вашингтон со денови се подготвува за овој голем настан чии димензии ќе ги надминат сите досегашни.

https://p.dw.com/p/AcI2

Други градови имаат карневалски поворки, саеми или партиски конгреси. Најголем настан за Вашингтон секоја четврта година е кога новоизбраниот претседател на САД на славеничка церемонија положува заклетва на функцијата. Десетици илјади посетители од сите сојузни држави тогаш во бранови доаѓаат во главниот град на Потомак, за да го слават претседателот со помпа, а понекогаш и со екстраваганција.

Вивијан Дојшл од хотелот Риз Карлтон во Вашингтон:

“Нашата екслузивна понуда за оваа пригода чини 150 илјади долари. Гостите од Тексас или од други места кои доаѓаат со приватни авиони, имаат личен мантил за капење. Освен тоа има кавијар и шампанско 24 часа“.

Во еден друг луксузен хотел за четири дена гостите и самите можат да се чувствуваат како претседатели: за 10 илјади долари можат да добијат и бодигарди.

Сепак сето тоа е една демократска церемонија кога пред американскиот народ нивниот највисок избран претставник се колне пред уставот. Историска традиција има и говорот што потоа го одржува претседателот. Историчарот на конгресот Доналд Кенон вели:

“Нашата нација ја составуваат многу различни етнички, национални и верски групации и говорот на претседателот при преземањето на должноста традиционално е поврзан со апел за единство“.

Сепак, на почетокот на вториот мандат на претседателот Џорџ Буш американското општество е длабоко поделено. Преку 40 различни групации овој четврток повикуваат на различни манифестации, маршови или акции на цивилен отпор. Џим Мекдоналд од мировната групација Даун:

“Сакаме да демонстрираме против воените акции на САД во странство и за заштита на граѓанските права дома“.

Анти-буш активистите не страхуваат од енормните безбедносни мерки. На првото преземање на функцијата по терористичките напади од 11 септември 2001, во акција ќе бидат околу 10 илјади полицајци и припадници на армијата. Секој од очекуваните 250 илјади посетители ќе мора да мине низ безбедносни контроли, а на небото над Вашингтон ќе патролираат хеликоптери и воени авиони. Цивилниот воздушен сообраќај над Вашингтон денеска ќе биде посебно ограничен. Министерот за внатрешни работи Том Бриџ вели:

“Безбедносните мерки се поголеми од кога и да е. Некои од нив се видливи, други не. Наша цел е да биде спречен секој обид на групи или поединци да ја нарушат церемонијата“.

Целокупната манифестација ќе чини рекордни 40 милиони долари. Главно парите доаѓаат од донации на големи индустриски фирми. Трошоците за безбедноста ќе мора да ги преземе Вашингтон, можеби и како казна: зашто граѓаните на главниот град со преку 80 насто гласаа за противкандидатот на Буш, Џон Кери.