1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спектакуларна акција на „Гринпис“ на Ајфеловата кула

ЖА/афп26 октомври 2013

Со спектакуларна акција на искачување на Ајфеловата кула двајца активисти на „Гринпис“ демонстрираа за ослободување на уапсените членови на организацијата во Русија.

https://p.dw.com/p/1A6fs
Фотографија: AFP/Getty Images

Еден од активистите пред својот шатор на вториот кат на кулата обеси транспарент на кој пишуваше „Ослободете ги 30-мината од Арктик“. Вториот активист беше зафатен со безбедноста на својот колега.

Ајфеловата кула беше привремено затворена поради протестната акција, која траеше околу два часа, по што пожарникарите ги симнаа двајцата активисти. Француската полиција потоа изврши испрашување на најмалку шестмина членови на „Гринпис“.

Руската крајбрежна погранична стража на 19. септември го зароби бродот на организацијата за заштита на природата во Баренцовото Море, откако нејзините членови се обидоа да се искачат на нафтена платформа на концернот Газпром. 30-члениот екипаж на бродот „Арктик Санрајс“ оттогаш е во притвор во Русија и чекаат на судски процес.

Акцијата на двајцата активисти во Париз беше насочена и кон француската влада, како што соопшти Сирил Кормие од „Гринпис Франција“. Тој побара од францускиот премиер Жан-Марк Ејро да ја отвори темата при својата посета следната недела во Русија.