1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Специјалист за погубувања“

4 јуни 2010

Марсел Рајх-Раницки е најпознатиот германски литературен критичар, популарен и надвор од земјата. Неодамна тој наполни 90 години. За него се карактеристични радикални критики, кои може да си ги дозволи поради рејтингот.

https://p.dw.com/p/NfSy
Марсел Рајх-РаницкиФотографија: AP

Марсел Рајх-Раницки е роден на 2 јуни 1920 година во Влоцлавек во Полска. Завршил гимназија во Берлин, но како Евреин не бил примен на факултет. Тој бил протеран во Полска, а во 1942 година успеал да побегне од варшавското гето заедно со сопругата Тосиа. Во 1958 година повторно се доселува во Германија и целосно му се посветува на германскиот јазик и литература. Поради коректните и остри критики го нарекуваат „литературен папа“. Неговото мислење веќе одамна е неоспорно, па така може да си дозволи и радикални критики за наводно слабиот квалитет на германската телевизија, како во 2008 година кога при доделувањето на Германските телевизиски награди налутено ја одби почесната награда.

Bundeskanzlerin Angela Merkel ehrt Autor Marcel Reich Ranicki bei Henri Nannen Preisverleihung
Раницки со канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP

„Не ја прифаќам наградата. Не знаев што ме очекува овде и сметам дека е непријатно ова што морав да го трпам со часови.“

Некои од гледачите на гала-вечерта на Германските телевизиски награди 2008 на почетокот мислеа дека се шегува. Сепак, Марсел Рајх-Раницки, големиот стар мајстор на саркастичната критика, беше многу сериозен при овој јавен настап. И овојпат тој му остана верен на својот углед, исто како кога беше уредник за литература во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во 70-те години и како ТВ-критичар во емисијата „Литературен квартет“ во 90-те. Не се без причина прекарите, што Рајх-Раницки ги доби од новинарите, како на пример „специјалист за погубувања“.

„Специјалист за погубувања е навистина глупост. Јас се трудам критиката да биде јасна. Знаете, јасноста на критиката е прашање на учтивоста, мора да бидам учтив со читателите. Тоа значи мислењето треба да се искаже јасно и гласно, а не да се криеме зад повеќесмислени и нетранспарентни формулации.“

Ни Раницки не е непогрешлив

Со улогата на главен критичар во „Литературниот квартет“, телевизиска емисија што од 1988 до 2001 година доживеа вкупно седумдесет и седум изданија, Рајх-Раницки најпосле прерасна во најугледна личност во германската литературна бранша. Тогаш го доби ироничниот прекар „литературен папа“, што е игра на зборови поради наводната непогрешливост, што им се припишува на поглаварите на Католичката црква.

Притоа тој воопшто не беше непогрешлив. Неговите ставови за одредени литературни дела беа повеќе дадени од личен читателски интереси, а не од гледна точка на сериозна литературна критика. Но, сепак, ставот на Марсел Рајх-Раницки набргу стекна ореол на „конечна пресуда“ за кариерите на германските писатели. Оние кои го налутија, како Петер Хандке, Гинтер Грас или Мартин Валсер мораа да се соочат со остри критики од „книжевниот папа“. Од дуга страна, пофалбите од Рајх-Раницки го овозможија брзиот подем на авторите на бестселери, како на пример, шпанската литературна ѕвезда Хавиер Маријас или Германката Јудит Херман:

Der deutsche Literaturpapst Marcel Reich-Ranicki
Фотографија: dpa

„Кога во 1958 година дојдов во Германија и видов што пишуваат за литературата весниците ’Франкфуртер алгемајне цајтунг’, ’Зиддојче цајтунг’ и ’Ди Велт’, и‘ реков на сопругата: ќе направам експеримент, луѓето пишуваат многу нетранспарентно, не ми се допаѓа таквата критика! Сосема отворено и јасно ќе кажам што мислам за некоја книга. Тоа е ризично и постојат две можности: или во хиерархијата на книжевните критичари ќе завршам на врвот, или на дното. Но, сакам да се обидам.“

Мајстор на сатирата

Најлошото што Марсел Рајх-Раницки знаеше да го каже за некоја книга е дека е здодевна. Неговото анти-академско, сензибилно-полемично сфаќање на литературата, блиско до народот, сигурно произлегува и од неговата сопствена макотрпна биографија како прогонуван Евреин, кој како по некое чудо ги преживеал Варшавското гето и депортациите. Еден полски печатар тогаш ги скрил Рајх-Раницки и неговата сопруга Тосиа од нацистите.

Најголемиот германски литературен критичар има напишано и книга за својот живот, која за разлика од книжевните обиди на повеќето други критичари во земјата, во меѓувреме стана бестселер со скоро еденипол милион продадени примероци.

„Тоа би било се‘, се наоѓаме засегнати, завесата се затвора, а прашањата остануваат отворени“, вели неповторливиот Марсел Рајх-Раницки.

Автор: Гиза Функ / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска