1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Специјалните вакцини против Омикрон немаат многу предности

Фабијан Шмит
26 февруари 2022

Специјално развиени иРНК вакцини против Омикрон веројатно немаат многу предности во однос на вакцините против коронавирус кои се веќе во оптек. Тоа произлегува од првите тестирања со животни.

https://p.dw.com/p/47Bi2
Coronavirus Spritze mit Corona-Impfstoff
Фотографија: Weber/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Специјално развиени иРНК вакцини против Омикрон веројатно немаат многу предности во однос на вакцините против коронавирус кои се веќе во оптек. Тоа произлегува како заклучок од први тестирања со животни.

Само што се дозна за  Омикрон  во декември минатата година, научниците од фармацевтската компанија Бионтек/Фајзер веднаш почнаа да работат на развој на  специјална вакцина  за сојот. На крајот од јануари почнаа со првите клинички тестови. 

Новите вакцини по неполн месец 

За брзањето имаше издржана причина, бидејќи се покажа дека новиот сој може да го заобиколи имунолошкиот систем и заштитата стекната преку досегашните вакцини, па така дури и лица со примени три дози се заразуваа со многу заразната варијанта Омикрон. 

Вакцинирани и бустирани пациенти покажале значително поблаги симптоми, но со  Омикрон е поврзана и опасноста дека инфицирани можеби го шират несвесно вирусот, бидејќи се асимптоматски случаи. Затоа се сметаше дека треба да се развие нова вакцина. Сега, откако Омикрон бранот во многу земји го достигна или премина зенитот, на располагање имаме и први резултати од експерименти со животни. Тие се многу отрезнувачки. Студиите уште не се потврдени од независни стручњаци од браншата и се достапни само како нацрт објава,јавува стручниот журнал „Нејчр”

Досегашните бустер вакцини се подеднакво добри 

Четири студии се спроведени врз животни мрзливци, глувци и мајмуни и тоа со различни вакцини, од кои три се иРНК. 

Иако бројот на животни вклучени во студиите севкупно бил мал, се покажало дека новите Омикрон вакцини „не се нешто подобри во дејството отколк у бустер со досегашните вакцини”, ги сумира резултатите Дејвид Монтефиори, директор на лабораторијата за истражување вакцини против СИДА при Универзитетот Дјук во Северна Каролина.

Студија со резус мајмуни е најприближна

Веројатно најголем показател е студијата со макаки, односно резус мајмуни. Таа дава најприближни разултати споредено со реалните околности на луѓето, бидејќи повеќето имаат примено повеќе од една вакцина. Затоа научниците истражувале како делува третата доза, а студијата била спроведена со вакцини кои веќе се применуваат на луѓето. 

Па така, сите осум резус мајмуни имале примено по две дози од вообичаените вакцини на Модерна против Ковид-19. Потоа една половина од нив примила бустер од истата вакцина, а другата половина од  Омикрон иРНК вакцината. Двете групи на крај имале антитела со исто дејство, кои биле ефикасни и против Омикрон.

Белите крвни зрнца се позиционираат против Омикрон

Покрај тоа, двете групи формирале и мемориски т.н. Б-клетки, дел од белите крвни зрнца кои се важни за имунолошкото памтење на организмот. 

И тие самите синтетизираат антитела и со тоа помагаат против серија соеви и можеби и други типови на корона вируси. Две студии со глувци во основа ги потврдуваат резултатите од студијата со приматите. Во една од нив биле споредени и резултатите од вакцините Модерна.

Две студии за пробни вакцини

 Другата студија спроведена на глувци исто така користела иРНК вакцина, специјално развиена за Делта сојот на вирусот, која била споредена со вакцината за Омикрон.

И оваа студија покажала сличен резултат, но со предупредување дека Омикрон – вакцината веќе не делувала добро против другите варијанти.

Слични се резултатите и кај анализата спроведена истовремено на глувци и мрзливци. Научниците таму не користеле иРНК вакцини, туку таканаречена репликативна РНКа вакцина на компанијата ХДТ – Био од Сиетл.

Истражувачите споредија уште една вакцина во развој против првичната варијанта А.1 со вакцина против Омикрон.

Се покажа дека – како и во другите студии – кај бустер вакцините нема голема разлика која вакцина ја примиле животните. Кај само една доза, специјалната вакцина за Омикрон дала подобра заштита.

Неизвесна иднината на Омикрон-вакцината

Иако овие резултати од студијата се само прелиминарни, тие укажуваат дека можеби повеќе не вреди дополнително да се развива специјална вакцина намената за Омикрон сојот.

Од една страна, енормно брзото ширење на Омикрон бранот го надмина и невообичаено брзото развивање на специјалната вакцина, така што тоа може да биде ад акта уште пред воопшто да влезе во клиничка фаза на тестирање.

Од друга страна, вакцините кои се веќе тестирани и одобрени во принцип се покажале ефикасни и за Омикрон. Како резултат на тоа, оваа варијанта веќе не се перцепира за толку опасна колку што беше кон средината на декември, кога се појави.

Под овие околности, за фармацевтските компании и истражувачите прашањето е дали да се следи евентуалната појава на нови варијанти и какви ќе бидат тие, па потоа доколку е потребно да се излезе на пазарот со нова поефикасна вакцина - особено што против сегашната, полесна варијанта на вирусот веќе има добри средства кои се на располагање.