1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спирковски преку српскиот парламент ќе бара изучување на македонскиот јазик

Антоанела Димитриевска8 мај 2012

Демократската партија на Македонците преку својот пратеник Миле Спирковски ќе ги штити интересите на Македонците во парламентот на Србија во насока на заштита на националниот идентитет и гарантираните права.

https://p.dw.com/p/14rVB
Фотографија: picture-alliance/dpa

Миле Спирковски, 55-годишниот професор по ликовно од Јабука во Србија, е пратеникот на Демократската партија на Македонците. Согласно програмата на својата партија Спирковски за Дојче Веле потенцира дека првенствено ќе делува за зачувување на националниот идентитет, вредности и интереси на припадниците на македонската национална заедница во Србија.

Освен во основнитеучилишта, македонскиот јазик и во градинките

Од оваа учебна година за првпат е воведено факултативно изучувањето на македонскиот јазик со елементи на национална култура во основните училишта во Јабука. Ќе се заложам за изучување на македонски јазик и во други градови во Србија, каде мнозинство се Македонците, потенцира Спирковски. „Треба согласност од петнаесет родители за во училиштата да се воведе изучувањето на македонскиот јазик со елементи на националната култура. Тоа во Јабука веќе го имаме воведено, но имаме и места како Качарево, каде што има повеќе Македонци, потоа Пландиште, Глогољ и други места во Србија, каде исто така ќе се залагаме за воведување на македонски јазик во училиштата“, вели Спирковски.

Тој информира дека во соработка со Националниот совет на македонската национална заедница во Србија и натаму заеднички засилено ќе се залагаат - македонските деца во Србија уште во градинките да го изучуваат мајчиниот јазик. Воедно и за негово воведување и во средните училишта и на факултетите во Србија, а со крајна цел отворање на Катедра по македонски јазик на некој од универзитетите во Србија.

No Flash Serbien Parlament Serbisches Parlament
Спирковски преку пратеничкиот мандат ќе се залага и за поголема соработка меѓу здруженијата на Македонците во Србија и оние во МакедонијаФотографија: AP

Тој појаснува дека подготвувањето на нови кадри, учители и воспитувачи кои би биле ангажирани во овие установи е еден од нивните приоритети, а очекуваат и помош од Владата на Република Македонија со која, како што потенцира, веќе имале успешна соработка. Спирковски вели дека ќе се залага за понатамошна афирмација на македонската култура во Србија и понатамошна соработка на културни друштва и здруженијата на Македонците во Србија со културните институции и здруженија од Република Македонија. Потенцира дека ќе делува и за информирање и службена употреба на македонскиот јазик и писмо во Србија, каде што мнозинство се Македонците. Воедно ќе се залага и за збогатување на телевизиските програми на локалната ТВ станици на македонски јазик, а во соработка со Националниот совет на македонската национална заедница во Србија ќе се заложи и за основање на нови радио и ТВ станици на македонски јазик, како и издавање на постоечките и нови печатени публикации на македонски јазик во Република Србија.

Македонците се враќаат во нашите редови како Македонци

До скоро народ, а сега национално малцинство - македонската национална заедница е една од оние кои најмногу загуби со распаѓањето на заедничката држава СФРЈ, потенцира Спирковски. Демократската партија на Македонците, како еден од столбовите на МАКОС, што значи Македонски Обединети Сили, а во чиј состав освен партијата и Националниот совет на македонската национална заедница во Србија се и македонските невладини здруженија и јас, ќе се залага за враќање на Македонците во Србија во нашите редови. Според пописот се евидентирани 25 илјади, а според наши сознанија сметаме дека се многу повеќе - околу 200 илјади Македонци во цела Србија, потенцира Спирковски.

„Мене ми е драго што сега со партијата никнаа и градски одбори на Македонците и во Чачак со 800 члена, во Ниш, во Врање, Зрањанин, Нови Сад, Панчево, се разбира и таму каде што Македонците се мнозинство - во Качарево, Јабука, Вршац, Пландиште. Тоа значи дека одново се враќаат Македонците во нашите редови, односно кон македонството наше“, потенцира за ДВ Спирковски.