1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменикот на обединувањето пред тешка мисија

21 мај 2011

Две децении по обединувањето, на местото на Берлинскиот ѕид ќе се најде споменик на германското обединување. Расправата се води околу прашањето - што е тоа што денес ја карактеризира германската култура на сеќавање?

https://p.dw.com/p/11HgW
Споменикот на обединувањето во Берлин

„Треба да подигнеме споменик на нашата историска среќа, за да не заборавиме колку се драгоцени и загрозени слободата и единството, и на што не‘ обврзува нашата национална среќа“, рече Волфганг Тирзе во 2007 година, како член на жирито на германската влада задолжено за избор на т.н. Споменик на обединувањето. Расправата за овој споменик во Германија е прилично контроверзна.

Критичарите во целиот проект гледаат скулптура без никаков смисол. Поддржувачите се залагаат за отворен споменик кој посетителите ќе можат индивидуално да го доживеат и запознаат. Нацртот прикажува голема нишалка која и навистина се ниша кога на едната страна има 50 луѓе повеќе од другата. Така, по подолго време, во Германија се подига споменик на хероите. Овој ќе потсетува на храбрите граѓани на Демократската Република Германија кои во 1989 година излегоа на улиците.

Wolfgang Thierse
Волфганг Тирзе: Да подигнеме споменик на нашата историска среќаФотографија: DW

Нивното херојство беше темел за повторното обединување на Германија. Последен изграден споменик на хероите во Германија беше оној во Бухенвалд, од 1958 година. Политикологот Херфрид Минклер вели дека тој споменик го одразува државно пропишаниот антифашизам. Во средина на споменикот, на местото на поранешниот концентрационен логор Бухенвалд, каде илјадници луѓе ги загубија животите, е еден човек, поточно група луѓе.

„Тука се наоѓа нешто што изразува софистицираност која се занимава со можностите за отпор, од одлучност до резигнација, нешто со што можеме да се соочиме, но нешто што можеме и да го отфрлиме“, вели Минклер.

Култура на сеќавање

Во Германија последниве децении преовладува сеќавањето на жртвите на националсоцијализмот, како на пример на споменикот на жртвите на Холокаустот во Берлин. Холокаустот ја обликувал културата на сеќавање. На Германците, со право, тешко им паѓа кога треба да се сетат на старите добри времиња. 1945 година беше време на нов почеток во Германија. Културата на паметење секогаш е колективна задача. Таа исто така покажува како би требало да изгледаат политичките споменици.

Набљудувачот пред споменикот треба да има свое мислење, но истовремено да добие и причина за размислување. Вешто направениот споменик ги обединува идеите на набљудувачите, и тоа од повеќе генерации, со идеите на уметничко изразување. Споменикот е промашена работа доколку неговата порака не трае подолго од сеќавањето на последниот сведок и останува на нивото на сеќавањето кое бледнее. Токму тоа може да го загрози и споменикот на обединувањето, вели политикологот Минклер.

Deutschland Berlin Einheitsdenkmal in Berlin von Johannes Milla und Sasha Waltz Entwurf
Споменикот е промашена работа доколку неговата порака не трае подолго од сеќавањето на последниот сведокФотографија: AP

„Нацртот е така конципиран да може да биде споменик за се’, и за германското единство, но исто така, и за германската добробит и успех“.

Притоа, на Германија добро би и‘ дошло доколку успее да создаде нов мит, па дури и преку еден споменик. Значи една заедничка приказна, дури и за лошиот економски период. Овој мит, предупредува Минклер, не треба да биде фрагилен, како што е случајот сега.

Културата на сеќавање ја одбележуваат различни фактори. Герхард Шулце, еден од водечките социолози на културата во Германија, на Споменикот на сеќавањето му дава највисоки оценки. Во разговорот за Дојче веле тој вели:

„Јасно е дека луѓето на споменикот ќе гледаат на начин кој им е својствен и во животот и ќе се запрашаат: Што значи тоа за мене? Како јас тоа го доживувам?“

Нов германски патриотизам

Шулце во 90-те години го создаде терминот „општествено искуство“. Настаните, фасцинантните искуства, целите, среќата, го карактеризираат современиот живот во кој ние, според Шулце-интерно ориентираните, живееме.

Должноста, послушноста и традицијата од друга страна, значи нештата од надворешната страна, ја губат вредноста. Споменикот на обединувањето се вклопува во искуствата на општеството. Крикот на навивачите на германската фудбалска репрезентација на Светското првенство во 2006 година се разликува од крикот на Германија претходните години. Историчарот Едгар Волфрун говори за еден поинаков, порадосен патриотизам, погласен и повидлив.

Holocaust Denkmal Berlin Dossierbild 2
Споменикот на Холокаустот во БерлинФотографија: AP

Оваа фудбалска летна бајка не е бенгалски оган, туку симбол на промените. Тие промени треба да се рефлектираат и во Споменикот на обединувањето. Германците секако, со право, треба да биде горди на хероите на падот на Берлинскиот ѕид. Но, тука не се работи за естетска реализација.

Можеби, меѓутоа, пристапот како кон еден национален споменик е недоволен, затоа што во глобализираниот и виртуелен свет се‘ помалку постои потребата за национална култура на сеќавање и историја воопшто. Какво значење има воопшто гледањето наназад кога се‘ позабрзано живееме во сегашноста и со загриженост гледаме кон иднината? Турбулентните времиња на промени не застанаа ни 20 години по големиот пресврт и повторното обединување на Германија. А тоа не е лесна игра за еден Споменик на обединувањето.

Автор: Кај-Александер Шолц/ Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска