1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споменикот на ОВПМБ во Прешево отстранет без инциденти

ЕМФ/бета/миа20 јануари 2013

Припадниците на српската полиција утрово (20.01) го отстранија споменикот на поранешните припадници на ОВПМБ од плоштадот пред зградата на општина Прешево.

https://p.dw.com/p/17NjO
Фотографија: Fotolia/wellphoto

Српската влада соопшти дека „оценува оти отстранувањето на споменикот на екстремистите е придонес кон заедничкиот живот и државата и во иднина решително ќе го спроведува редот и законот и ќе осигура стабилност на целата своја територија“.

Српскиот премиeр и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека по истекот на сите законски рокови, а по налог на Министерството за правда, припадниците на Жандармеријата го отстраниле нелегално поставениот споменик. „Србија покажа доволно трпение, но и испрати јасен сигнал дека законот мора да се почитува и дека никој не е посилен од државата“, рече Дачиќ. Тој дополни дека акцијата е изведена без какви и да e инциденти и без употреба на сила. Околу 200 припадници на српската жандармерија пристигнаа утрово на плоштадот, а потоа со багер е кренат споменикот и ставен во камион.

Südserbische Albaner-Guerilla UCPMB eingeschlossen
Припадници на поранешната ОВПМБ (фото: архива)Фотографија: picture-alliance / dpa

Споменикот на припадниците на албанската Ослободителна војска на Прешево, Медвеѓе и Бујановац (ОВПМБ) беше поставен во ноември минатата година, а Владата на Србија соопшти дека мора да биде отстранет до 17 јануари, за кога беше закажана четвртата рунда преговори меѓу Белград и Приштина. Споменикот не беше отстранет во предвидениот рок, а одборниците во Собранието на општина Прешево, по истекот на рокот, ретроактивно усвоија предлог за негово поставување и најавија дека ќе ја комплетираат документацијата потребна за легализацијата на споменикот.

Најнов предлог за решавање на спорот дојде од здружението на ветерани на поранешната ОВПМБ тој споменик да биде преместен од центарот на градот во дворот на џамијата или Домот на културата во Прешево. Според косовските медиуми, предлогот дошол од Приштина и Тирана.