1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спортската 2006-та година беше година на емоции

Штефан Нестлер22 декември 2006

Возбуда не предизика само Светското фудбалско првенство; 2006-та понуди уште многу други емоции, солзи на разделба, од радост, од бес.

https://p.dw.com/p/Aeh0
Благодарност од тимот: Шумахер со екипата на Ферари
Благодарност од тимот: Шумахер со екипата на ФерариФотографија: AP

Спортската сцена остана осиромашена за еден голем ас: кариерата ја заврши 7-кратниот светски првак во автомобилизам формула 1 Михаел Шумахер. “Кога и да е, едноставно доаѓа моментот кога мора да си поразмислиш за иднината. А за во иднина јас веќе не гледав можности да изнајдам и вложам енергија и сила што ми се потребни за да можам и во наредните години да бидам конкурентно способен во формула еден” – рече тој. 37-годишниот Шумахер не успеа крајот на кариерата да го обележи и со осма титула – беше тесно поразен од бранителот на титулата, Шпанецот Фернандо Алонзо.

Верројатно ниеден спортист во светот не беше во 2006-та година толку доминантен, колку водечкиот на светската ранг-листа на тенисери Роџер Федерер. Швајцарецот победи во 92 од вкупно 97 средби и освои 12 турнири, меѓу нив и Вимблдон. “Во ова финале дојдов со многу самодоверба оти играв толку добро, а влегов исто така и релаксиран, оти не бев физички заморен. Ова е уште еднаш прекрасно чувство и дури се плашам да го примам уште еднаш овој трофеј” – рече Федерер по освојувањето на Вимблдон.

Германските претставници во зимските спортови можат да бидат горди: по трет пат по 1992-ра и 98-ма, од зимската олимпијада се вратија како најуспешна екипа. Во Торино тие освоија 11 златни, 12 сребрени и шест бронзени медали. Посебно се истакна биатлонецот Михаел Грајс, кој прослави три победи, последната со германската штафета: “Се разбира дека сум многу, многу среќен, дека и’ дојде крај на нервната напрегнатост. Денешнава беше сон-трка и токму таква, каква што всушност си посакував”.

Олимписките шампиони во биатлон Кати Вилхелм и Михаел Грајс се најдобрите спортисти на Германија за 2006-та година. Тоа беа ѕвездените моменти на Кати Вилхелм, нејзиниот триумфален поход на зимската олимпијада во Торино: четврти олимписки медал, златен во биатлонската трка на хронометар. “Да, јас се надевав дека годинава ќе успеам и многу сум горда дека станав спортистка на годината” – рече Кати Вилхелм. За екипа на годината е избрана фудбалската репрезентација на Германија која го освои третото место на светското првенство.

Освен фудбалското, Германија во 2006-та организира уште две други светски првенства. Во Ахен, на шампионатот во коњички спорт, германските јавачи освоија шест злата. Претставничката во дресурно јавање Изабел Верт со коњот Сачмо беше и најуспешен учесник на првенството со два златни и еден бронзен медал. “Сачмо не ја покажуваше секогаш оваа константност. Сега, годинава и тоа токму овде во Ахен, тоа едноставно беше сензационално” – воодушевена беше Верт.

Сензационално добар беше и настапот на германските хокеари на трева на светското првенство пред сопствената публика во Менхенгладбах. Пред првенството во најдобар случај само во поширокиот круг на фаворитите, младата селекција, играјќи од натпревар во натпревар се’ подобро, стигна до финалето, а по победата од 4 спрема 3 против Австралија и до титулата светски првак. Сојузниот тренер на хокеарите Бернард Петерс, кого Јирген Клинсман сакаше да го донесе во штабот на германската фудбалска репрезентација, оцени: “Момците го заслужија тоа. Тие покажаа неверојатно силна волја. Јас сум многу горд на овој тим”.

Тимски дух демонстрираа и веслачите. На светското прврнство во Итон, Англија, осмерецот по 11 години повторно се избори за златен медал.

На Европското пливачко првенство во Будимпешта блесна нова германска ѕвезда. Брита Штефен освои 4 златни и еден сребрен медал, а со штафетата на 100 метри слободно постигна и светски рекорд: “Стојам овде, испливав и светски рекорд – и сепак се чувствувам исто како и пред тоа. Се’ уште сум истиот човек. Си мислев дека стануваш супермен, но некако... и покрај се’, чувството е прекрасно”.

Изненадувачки добро се претставија германските атлетичари на Европското првенство во Гетеборг. Со 4 златни, исто толку сребрени и два бронзени медала, Германија беше втора најуспешна нација, зад Русија. Сензација приреди Улрике Маиш со победата во женскиот маратон: “Се’ уште сум сосем збунета, се’ уште не можам да верувам. Целиот стадион навиваше, а јас како прва влегов во него. Тоа беше лудило, чудесно”. Златни медали освоија и Штефи Нериус во фрлање копје, Ралф Бартес во фрлање ѓуле и Јан Фричен во трката на 10 илјади метри.

Ова беа некои од сјајните моменти. Но, над спортската 2006-та година се надвисна и сенката на допингот. На зимската олимпијада во Торино беше откриена Русинката Олга Пилова, освојувач на сребрен медал во биатлон. Во просториите во кои беа сместени австриските натпреварувачи во скијачко трчање и биатлон беа пронајдени допинг-средства. На ден пред почетокот на Тур д’Франс, од велосипедската трка беа повлечени главните фаворити, Италијанецот Иван Басо и Германецот Јан Улрих. Шпанските анти-допинг иследници собраа материјал што ги товари обајцата.

“Ова е најлошото што ми се случи во мојата кариера досега. Јас сум апсолутно шокиран и ќе ми требаат неколку денови да се приберам, па дури потоа ќе се обидам со мојот адвокат да докажам дека не сум виновен и во секој случај и натаму ќе се борам. Но, во моментов сум дотолчен” – зборуваше Улрих.Тој беше отпуштен од тимот на Те-мобајл и оттогаш не возеше ниедна трка.

Тур д’Франс го освои Американецот Флојд Лендис. Подоцна и тој беше откриен како допинг-грешник. “Флојд Лендис ќе влезе во историјата како оној кој за прв пат ја извалка жолтата маичка на Тур д’Франс” – прокоментира претседателот на Сојузот на германските велосипедисти Рудолф Шарпинг.

Спектакуларни случаи на допинг има и во атлетиката, како Американците Џастин Гејтлин, светски рекордер на 100 метри, и Мерион Џонс, трикратна олимписка победничка во спринт. Нејзината Бе-проба даде поинаков резултат и таа потоа беше растоварена од обвинението, но сомневањето останува.