1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор за името: Од каде „Нова Македонија“?

18 декември 2017

Името „Нова Македонија“ минатата недела исплива како можна солуција за деценискиот спор меѓу Македонија и Грција. Но предлогот не е дело на преговарачот Нимиц, ниту на Скопје или Атина, туку на експерти од двете држави.

https://p.dw.com/p/2pZKe
Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во грчката јавност деновиве на големо се шпекулираше со можното ново име кое би произлегло од преговорите во спорот за името меѓу Македонија и Грција. Едно од најчесто споменуваните, кое беше пренесено и во македонската јавност, беше „Нова Македонија“. Иако медијаторот Метју Нимиц и пред и по состанокот со преговарачите Адамантиос Василакис и Васко Наумовски во Брисел, рече дека не дал нови предлози, јавноста и медиумите - гладни за информации во речиси херметички затворените преговори - побрзаа да му дадат големо значење на овој предлог.

Во тој контекст, грчкиот весник Катимерини викендов информира дека Нимиц нема да излегува со нов предлог за името во овој период, но кога тоа ќе го стори, предлогот веројатно ќе се држи до рамката: сложено име со географска одредница. 

Повеќе на темата: 

Разговори за името: Го пробија снегот, ќе го скршат ли мразот? 

Почеток на крајот на спорот за името?

Полутајни состаноци

Ни Скопје, ниту Атина, по традиција не ги коментираат формалните и неформални предлози за името на државата кои се споменуваат веќе со децении. Ретко кога јавноста во двете држави добиваше официјални содржајни информации и од средбите на преговарачите со Нимиц, или од билатералните состаноци на министрите за надворешни работи. Но, по промената на власта во Македонија и обидот да се промени климата во односите меѓу двете соседни земји, во засилените напори за изнаоѓање заеднички јазик за отворените прашања се вклучуваат и интелектуалци и експерти од обете земји. Ни тоа, само по себе, не е новина, затоа што слични обиди имаше и во минатото, но разликата е што овојпат и состаноците на невладините претставници се одвиваат зад затворени врати и далеку од очите на јавноста во двете држави. Еден таков состанок е одржан на 18 ноември годинава на Универзитетот Оксфорд во Велика Британија. (Според информации на ДВ планирано било одржување на уште еден состанок во поширок состав во еден европски главен град на почетокот на декември, но немаме официјална потврда дали тој се случил и кој учествувал на него).

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос КоѕиасФотографија: Reuters/C. Baltas

Прифатливи опции

Се состанале интелектуалци и експерти од двете држави и како што се наведува во еден документ кој е индиректен производ на разговорите, имале „искрена и темелна размена на идеи“. Двајца учесници на состанокот - организаторката Калипсо Николаидис од Грција која е професор по меѓународни односи на Универзитетот во Оксфорд и Ветон Љатифи од Македонија, инаку професор по меѓународни односи на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово, на 12 декември годинава на интернет-страницата на Европскиот совет за надворешни односи го објавија своето заедничко видување за можните решенија на спорот меѓу двете земји.

Во анализата под наслов „Решавање на македонскиот спор за името: Изгледи за трансформативно заемно признавање“, двајцата автори го наведуваат токму името „Нова Македонија“ како најдобро решение. Неколку дена подоцна ова име осамна во повеќе грчки, а подоцна и македонски медиуми како една од можните варијанти за решавање на деценискиот спор под рубриката „дознаваме“.

Љатифи и Калипсо во нивниот текст ги анализираат сите варијанти на сложено име, почнувајќи од Република Македонија (Скопје). Ова име како опција, наведуваат авторите, било прифаќано од двете страни во различни временски периоди. „Но некои на грчката страна стравуваат дека додавката Скопје со тек на време ќе исчезне од името“. Додавката „Словенска Македонија“ прави разлика врз основа на етничкото потекло, но е проблематична од аспект на несловенското население и другите етнички заедници во Македонија, се наведува понатаму.

Географски одредници

„(...) Другите предлози се вртат околу географски одредници како Вардар, Горна, Северна, Централна, или дури Европска Македонија. Се работи за едноставни географски описи кои некое време беа фаворизирани од грчката страна на меѓупартиските состаноци. Вардар отвора повеќе проблеми отколку што решава, затоа што големи делови од актуелната територија на земјата беа администрирани од Србите како Вардарска бановина пред Втората светска војна, поради што ги потсетуваат Албанците на нивниот несреќен статус од тоа време. Северна и Горна досега се прифаќаа како по неутрални географски варијанти, кои не се навредливи за ниту една страна, вклучително и албанската. Но, тие можат да бидат спорни од бугарски агол, каде попрецизен опис би бил Западна“, наведуваат авторите.
Калипсо и Љатифи тука доаѓаат до, како што велат, предлогот кој и самите го сметаат за најдобар: New или Nova (Нова Македонија) во оригинал Македонија . „(...) Нова Македонија се потпира на хронологијата и на фактот дека државата била формирана или во 1945 година како држава во Југославија или во 1991 година како независна држава по распадот на Југославија, но во секој случај по другите држави со кои го споделува регионот Македонија. Поддржувачите- вклучувајќи нѐ и нас- сметаат дека тоа едноставно укажува на фактичка точка и имплицира позитивна конотација, како Њујорк или Нов Зеланд“. Авторите се сомневаат дека противниците на ова име стравуваат дека таквата опција имплицира раскин со античките корени или со корените во словенската имиграција во 9. век. „Но имплицирајќи дека Македонија е граѓанска, а не етничка нација, Нова Македонија ќе содржи порака во името: ова е модерна нација која гледа во иднината, а не во минатото. Конечно, (името) Нова Македонија јасно порачува: Да ги оставиме зад нас кавгите околу наследството на Александар Велики“.

Заев: рано е за конкретни имиња