1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спуштање на црвената линија подолу

Александар Методијев/дпа/афп/бета29 јуни 2012

Лидерите од ЕУ се договорија за поттикнувањето на економскиот раст во Унијата во висина од 120 милијарди евра. Договорени се и итни мерки за помош на погодените од кризата Италија и Шпанија.

https://p.dw.com/p/15NuW
Фотографија: AP

Италија и Шпанија ги повлекоа забелешките за европскиот пакт за раст, но за возврат добија менување на условите за спасување на шпанските банки и дозвола за Италија да влезе во спасувачките фондови на еворозоната, за да ги намали трошоците за позајмување пари. За исходот од првиот ден на самитот информираше претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпој.

„Се договоривме да го зголемиме финансирањето на економијата во висина од 120 милијарди евра, за мерки за поттик на растот, кои веднаш ќе бидат применети“, рече Ван Ромпој. Во однос на обезбедувањето на тие средства, Ван Ромпој нагласи дека тоа ќе се направи со зголемување на капацитетот за позајмување на Европската инвестициона банка, а другата половина од средствата ќе се добие со преименување на неискористените структурни фондови.

Во текот на летото ќе се покрене и проект за финансирање на инфраструктурата во сообраќајот и енергетиката во висина од пет милијарди евра.

Шпанија и Италија ја повлекоа блокадата

На денешното (29.06) продолжение на самитот на шефовите на европските држави или влади треба посебно да се разгледува помошта за слабите земји во еврозоната. Рано утрово Шпанија и Италија ги повлекоа забелешките на Пактот за економски раст, информираше луксембуршкиот премиер Жан-Клод Јункер, откако двете земји ги добиле мерките за олеснување на притисокот врз пазарот. Повлекувањето дојде по 13-часовни интензивни разговори, информираше шефот на Еврогрупата.

EU Gipfel Pressekonferenz
Фотографија: Reuters

Утрово италијанскиот премиер Марио Монти го поздрави договорот на лидерите од еврозоната како „многу важен договор за иднината на ЕУ и на еврозоната“. „Ова е двојна сатисфакција за Италија“, рече Монти, откако заедно со шпанскиот колега ја повлече блокадата на пактот, барајќи итни мерки за намалување на нивните трошоци за позајмување.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо ја поздрави „многу амбициозната одлука, која уште еднаш ја покажува посветеноста на земјите членки ... на незаменливоста на еврото“. „Сметам дека ова ќе биде признато од сите“, рече Баросо.

Меркел бара реформи

Германската канцеларка Ангела Меркел заминувајќи од првиот ден на самитот рече дека е донесена добра одлука за растот. Се чини дека таа отстапила од инсистирањето рекапитализацијата на банките да се направи преку владите, но го задржала барањето секоја помош да биде комбинирана со барања за реформи во фискалниот сектор.

Mariano Rajoy Premierminister Spanien EU Gipfel
Маријано Рахој, премиер на ШпанијаФотографија: REUTERS

Договорот го отвора патот за директно рекапитализирање на банките преку фондот за спас од 500 милијарди евра, без тоа да минува низ националните буџети и да трупа долгови во земјите кои се борат со кризата. Ова ќе се случи откако ќе се формира европското тело за надгледување на банките, а лидерите имаат намера тоа да се случи на крајот од годинава.

Како реакција на договорот вредноста на еврото утрово на Токиската берза се зголеми за 1,2 проценти.