1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите го избраа помалото зло

Верица Спасовска / Превод: Жана Ацеска7 мај 2012

Парламентарните и претседателските избори во Србија не доведоа до големи промени во распоредот на политичките сили. Со оглед на економската криза, гласачите одбраа предвидливост и продолжување на европскиот пат.

https://p.dw.com/p/14r8O

Србија страда под товарот на економската криза како никогаш досега. Невработеноста е на историски рекордно високо ниво. Најголем дел од фирмите не е во состојба да вршат редовна исплата на платите. Корупцијата цути. Сепак, гласачите на парламентарните избори повторно им укажаа целосна доверба на досегашните владејачки партии. За досегашниот претседател Борис Тадиќ има добри шанси за повторна коалиција на неговата Демократска партија со Социјалистичката партија на Србија. Партијата-наследник на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ е фактичкиот победник на парламентарните избори, зашто изненадувачки собра зголемен број гласови и може со полна самодоверба да влезе во каоалиционите преговори. Нејзиниот претседател Ивица Дачиќ, кој како досегашен министер за внатрешни работи имаше важна улога во владата, може сега да стане уште посилен политички конкурент на Тадиќ.

Но, не се очекува промена на власта во полза на национално-конзервативната Српска напредна партија на Томислав Николиќ, која има минимална предност на парламентраните избори, но нема соодветен коалиционен партнер.

Одлука во полза на предвидливоста

Српските избирачи со оглед на општата економска мизерија се одлучија за она што веќе го познаваат и со тоа избраа помало зло. Но, степенот на разочарување од работата на владата на досегашната коалиција и со тоа поврзаната тешка економска ситуација кај партијата на Тадиќ се отсликува во загубата од една третина на гласовите.

Spasovska_Verica.jpg
Верица Спасовска, автор на коментарот

Продолжувањето на стариот владин сојуз за регионот значи континуитет и предвидливост. Зашто, сега е можно проевропскиот курс, зајакнат со тукушто добиениот кандидатски статус за ЕУ, да биде продолжен со повисок приоритет. Може да се очекува и продолжување на дијалогот и со него поврзаната нормализација со Косово, кого Србија не го признава за независна држава. Но, ЕУ сепак ќе бара укинување на паралелните структури на северот на Косово и намалување на влијанието на Србија врз Северно Косово.

Настрана од надворешната политика, главната задача на владата се состои од спроведување внатрешни реформи во функција на приближување кон ЕУ: реформа на судството, приватизација на државните фирми и поефикасно од досега сузбивање на корупцијата и организираниот криминал.

Истовремено со парламентарните избори, гласачите со својот глас решаваа и за претседател на државата, функција која во Србија всушност е репрезентативна. Но, за време на својот мандат Борис Тадиќ значително ја зголеми вредноста на претседателската функција. За разлика од бледиот премиер Мирко Цветковиќ, Тадиќ беше се‘ присутен. Причината е и тоа што Тадиќ е не само прв човек на државата, туку истовремено и лидер на најсилната владина партија.

Натамошен пат кон ЕУ

Изедначената трка за претседател меѓу Тадиќ и Николиќ за две недели ќе биде дотолку поинтересна. Тадиќ има незначителна предност пред Николиќ и има добри шанси за поддршка од социјалистите, но неговата победа уште не е сигурна.

Но, дури Николиќ и да победи во вториот круг од изборите против Тадиќ, тоа нема да биде судбоносен избор за Србија. Од една страна, партијата на Николиќ се‘ уште ја носи лепенката на своето мрачно минато. По отцепувањето од Радикалната партија на осомничениот хашки злосторник Војислав Шешељ, партијата никогаш не ја преработи својата улога на поддржувач на паравоените банди за време на војната. Раскинувањето многу повеќе беше од тактички причини, зашто Николиќ нема никакви шанси да стане премиер во Белград се‘ додека Шешељ седи на обвинителната клупа во Ден Хаг. Ако сепак Николиќ победи на претседателските избори, патот на Србија кон ЕУ нема да биде запрен, зашто и тој се изјасни недвосмислено за приклучување кон Унијата. Гласачите во Србија испратија јасен сигнал: продолжување на патот кон ЕУ, иако тој нема да биде лесен и може да трае цела декада.