1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите не се заинтересирани за судењето на Караџиќ

27 октомври 2009

Почетокот на судењето на Радован Караџиќ во Хашкиот трибунал не предизвикува големо внимание во Белград. Темата воени злосторства и соочување со минатото е ставена во втор план.

https://p.dw.com/p/KFoJ
Радован КараџиќФотографија: AP

Граѓаните и медиумите во Србија без поголема возбуда го дочекаа почетокот на судењето на Радован Караџиќ. Но, не и Сташа Зајович која е координатор на невладината организација „Жени во црно“. За неа почетокот на процесот против Караџиќ доаѓа во вистинско време, за справување со минатото. За жал, нагласува Зајовиќ, во Србија и натаму се затвораат очите, кога станува збор за темата воени злосторства: „На тоа се гледа исклучиво како на техничка задача, како нешто што мора да се направи, поради притисокот од надвор. Не се гледа како можност за дистанцирање од воените злосторства. Не се гледа како шанса за промена на моралниот поредок, во кој наместо глорификација на злосторниците се воспоставува култура за казнување на злосторствата врз човечките права. И пред се’ да се покаже почит кон жртвите.“

Од 2000-та година, кога заврши ерата на Милошевиќ, Хашкиот трибунал е камен на сопнување за сите српски политичари. Кога поранешниот премиер Зоран Ѓинѓиќ гласно кажа, дека воените злосторници припаѓаат во Хаг, беше убиен. Неговиот наследник националистот Воислав Коштуница, парадоксално, за време на мандатот испорача најмногу обвинети за воени злосторства. Поради притисокот од странство Коштуница на обвинетите за воени злосторства и нивните семејства им понуди многу пари. Некои доброволно му се предадоа на Хашкиот трибунал. Но, не и двајцата најпознати обвинети, Караџиќ и Младиќ.

Verhaftung Mladics?
Претседателот на Националниот совет за соработка со Хашкиот трибунал Расим ЉаиќФотографија: AP

Дури последната влада на Демократската партија на претседателот Тадиќ, на почетокот на својот мандат го уапси Караџиќ во Белград. Многу политичари од оваа влада, гледаат со поинакви очи на нивните обврски кон Хашкиот трибунал отколку нивните пртходници во владата на Коштуница, смета Јелена Милиќ, директорка на Центарот за Евроатлански студии: „Барем некои политичари сега велат, како на пример одговорниот за Хашкиот трибунал, Расим Љаиќ, па и претседателот Тадиќ дека воените злосторници треба да бидат изведени пред суд и осудени. Пред се’ поради нас Србите, но и поради жртвите и на крајот поради европската интеграција. Ваквите пораки секако се добри за српската јавност.“

Ваквите пароли на претседателот и почетокот на процесот наидуваат на мал интерес кај граѓаните. Но и покрај тоа повеќето знаат колку е важно да се надмине минатото: „Не сум од оние кои мислат дека ова е процес против Србија. Важно е на крајот да произлезе, што направиле Караџиќ и тогашниот државен апарат. Колку е голема нивната одговорност, и за што се обвинети.“ „Србија поради него честопати беше политички напаѓана и ќе ме радува ако изостанат овие напади.“

Но нападите ќе пристигнуваат се’ додека не бидат уапсени и испорачани уште двајцата обвинети за воени злосторства, Горан Хаџиќ и Ратко Младиќ. Тоа е и еден од условите за влез на Србија во Европската унија. Претседателот Борис Тадиќ постојано нагласува дека српската полиција на сите нивоа е концентрирана да го уапси Младиќ. Јасни зборови на претседателот, кои во случајот со Младиќ досега не вродија со плод. Можеби затоа што Тадиќ одбива дека Србија играла улога на сторител. За Тадиќ и за мнозинството српско население тоа беше граѓанска војна, во која учествуваа сите и со оглед на тоа мора сите еднакво да ја делат одговорноста.

Автор: Ивица Петровиќ / Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска