1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија во кампања – Косово не е прва тема

Ивица Петровиќ / Александар Методијев24 април 2012

Политичарите, кои се борат за гласовите на граѓаните на 6-ти мај, зборуваат за подобар живот, економија, борба против криминалот и корупцијата... А, Косово остана во втор план, иако сосема не исчезна како тема.

https://p.dw.com/p/14jyk
Фотографија: DW

Очигледно е дека сите партии во Србија, освен Демократската партија на Србија на Коштуница, се обидуваат Косово да не им биде како една од првите теми во предизборната кампања, оценува за Дојче веле политичкиот аналитичар Душан Јањиќ. Сепак, Косово е поприсутно во кампањата во однос на она што се најавуваше во очи на распишување на изборите.

„Косово поради потпишувањето на договорот, а подоцна и поради проблемите на релација север на Косово – Борис Тадиќ, односно неговиот тим, стана важна тема во меѓупартиските односи“, вели Јањиќ.

Србите на Косово како дијаспора

Душан Јањиќ нагласува дека Косово се појавува се’ повеќе во кампањата и поради локалните избори на Србите на Косово. Бидејќи претседателските и парламентарните избори ќе се одржуваат според правилата за дијаспората, гласањето ќе мора да се одржи во зградите на меѓународната заедница.

„Тоа е нова тема, која за неколку денови сигурно ќе излезе во јавноста и ќе ги потпали емоциите. Бидејќи, тој вид на гласање според гледиштата на косовските власти и српската опозицја, која е владејачка на северот од Косово, се толкува како целосно признавање на независноста на Косово, односно третирање на српската заедница на Косово како дијаспора“, смета Јањиќ.

Wahlkampagne Wahlkampf Wahlen Serbien
Темата Косово се наметна во изборната кампања и поради случувањата во МакедонијаФотографија: DW

Спорадично за Косово

Предраг Симиќ, професор на Факултетот за политички науки, смета дека е очигледно отсуството на Косово како тема во предизборната кампања.

„Само спорадично се осврнуваат на Косово и тоа во мера во која случувањата на Косово налагаат одредено реагирање. Меѓутоа, нема ниту нови големи идеи, нема ниту нови ветувања. Воопштено, темата Косово е присутна поради повремените пораки кои стигнуваат од Приштина, како што беше пораката на Хајрудин Кучи дека Приштина би била подготвена да ги употреби специјалните единици за да го реши проблемот на северот од Косово и, како што велат тие, за да воспостави суверенитет на тој дел од Косово. Секако, овие денови темата Косово се наметна, но не по волја на партиите, туку поради случувањата во Македонија, кои би можеле да имаат последици и по Србија“, вели Симиќ за Дојче веле.

Wahlkampagne Wahlkampf Wahlen Serbien
Не се очекува промена во однос на политиката кон КосовоФотографија: DW

Континуитет на политиката?

Без оглед на тоа дали следната влада ќе ја формира Демократската партија или Српската напредна партија, не треба да се очекува каква било промена во политиката кон Косово, оценува Душан Јањиќ.

„А, тоа значи дека Белград нема да има јасна стратегија кон Косово и ќе реагира на притисок, за на крајот, со поприлично загубено време, енергија и пари, да го реализира она кон што го насочува мнозинството во ЕУ“, забележува Јањиќ.

Доколку на власт остане Демократската партија и нејзината коалиција, може да се очекува политика на континуитет кон Косово, смета Предраг Симиќ. Тоа ќе значи продолжување на преговорите во Брисел.

„Тука има само една присутна неизвесност - дали таа влада ќе биде мнозинска, малцинска или двотретинска, што е можно само во некои специфични околности. Затоа што постои загриженост дека двотретинската влада би создала услови и за промена на уставот, што поголемиот дел од опозицијата го доживува како пат до признавањето на Косово“, вели Симиќ.

Најголемата неизвесност околу водењето на понатамошната политика околу Косово би можела да настане доколку дојде до формирање на голема коалиција меѓу Демократската партија и Српската напредна партија, смета Симиќ. Тоа можеби би значело и вклучување на уште неколку партии во таа коалиција и би можело да донесе до поголеми промени. Симиќ сепак додава дека можноста за таква коалиција е минимална.