1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија премногу ги поттикнува барателите на азил

ЖА/дпа/бета28 декември 2013

Српскиот премиер Ивица Дачиќ смета дека Германија барателите на азил ги става пред преголеми финансиски „искушенија“. Поради пари лажните азиланти од Србија одат во Германија, а на Србија ѝ се заканува враќање на визите.

https://p.dw.com/p/1AhwM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најголемиот број баратели на азил во Германија моментно се од Србија. Српскиот премиер ги критикува своите сонародници што заради пари заминуваат во странство, но вината ја гледа и во поттикнувачките финансиски износи за барателите на азил во Германија.

„Тие не доаѓаат за да добијат азил, туку за да земат пари, зашто надоместокот е висок и за нив се исплатува“, изјави вчера Дачиќ во Белград. Месечниот надоместок за барател на азил од 500 до 600 евра високо ја надминува просечната плата во Србија. По одлуката на Уставниот суд на Германија да се зголеми надоместокот за барателите на азил, во ноември бројот на српски државјани кои поднесле барање во Германија стигна до 1700.

Србија со околу пет илјади поднесени барања за азил од септември до ноември се наоѓа убедливо на прво место, соопшти неодамна Сојузната служба за миграција. Оваа година, како и лани, бројот на баратели на азил од Србија ќе биде околу 19 илјади, проценуваат српските власти.

Ако бранот лажни азиланти продолжи, на Србија ѝ се заканува повторно воведување на визниот режим, стравува Дачиќ. Ваква одлука би била катастрофална, смета српскиот премиер. Тој планира за проблемот да разговара со новата германска влада, но истакнува дека од Германија не стигнуваат информации кои се луѓето кои бараат азил. Според Дачиќ, меѓу лажните азиланти има најмногу Роми, но и Албанци, Бошњаци и Срби.

„Не можеме на сите Роми да им забраниме излез од земјата“, истакна Дачиќ, укажувајќи дека српската влада мора да води сметка за човековите права при решавањето на проблемот. Освен во Германија, најмногу српски државјани азил бараат и во Шведска.

По празниците на разговори за проблемот со лажните азиланти во Белград ќе допатува еврокомесарката за внатрешни работи, Цецилија Малстром.