1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија е „подготвена на дијалог“

9 септември 2010

Пред Генералното собрание на ОН денеска ќе се најде предлог-резолуцијата за Косово, која Србија ja усогласи со ЕУ. Во неа се истакнува подготвеноста на Унијата во посредувањето на дијалог на двете страни.

https://p.dw.com/p/P7d3
Фотографија: AP

Според новиот текст, усогласен со ЕУ, Белград веќе не бара осудување на отцепувањето на Косово и почнување на нови преговори за статусот на поранешната провинција, туку се залага за дијалог за „сите отворени прашања“.

Српскиот претседател Борис Тадиќ изјави дека ревидираната предлог-резолуција на ниту еден начин не содржи признавање на независноста на Косово, туку напротив, овозможува дијалог за решавање на косовското прашање, кое ќе биде потврдено во Советот за безбедност на ОН.

„Процесот на дијалогот сам по себе би бил фактор на мир, безбедност и стабилност во регионот. Овој дијалог би имал за цел да ја унапреди соработката, да оствари напредок на патот кон Европската унија и да ги подобри животите на луѓето“, се наведува во предлог-резолуцијата.

Шефицата на европската дипломатија порача дека усогласувањето меѓу Србија и ЕУ околу резолуцијата за Косово е резултат на посветеноста на двете страни на европската перспектива на Србија: „Топло ја поздравувам изјавата на претседателот на Србија, Борис Тадиќ, во врска со следните чекори пред Генералното собрание на ОН во поглед на нацрт-резолуцијата за советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата. Текстот на резолуцијата сега ќе биде поддржан од 28 европски држави - 27 членки на Унијата и Србија“, рече Ештон.

Таа нагласи дека по усвојувањето на резолуцијата во ОН, треба да се премине на дијалог меѓу Србија и Косово.

Доказ за влијанието на ЕУ

Fotomontage Flaggen Serbien EU Symbolbild
Приближување во односите Србија-ЕУ?Фотографија: AP/Montage DW

Дипломатите во Брисел оценуваат дека постигнувањето компромис меѓу Србија и ЕУ околу резолуцијата за Косово е добро и конструктивно за сите страни вклучени во процесот. За ЕУ тоа е доказ за нејзиното влијание и ефикасноста на усогласената политика, она на што секогаш инсистираат сите 27 земји-членки. Претседателот на Одборот на Европскиот парламент за Југоисточна Европа, Едвард Кукан, за Дојче веле истакнува:

„Тоа е доказ дека ЕУ може да говори во еден глас и кога се работи за многу комплицирани прашања, како што е компромис во ситуација кога пет земји-членки на ЕУ не го признаваат Косово. Од друга страна, тоа покажува и дека европската иднина на Западен Балкан е нејзин вистински приоритет“, истакнува Кукан, налгасувајќи дека подготвеноста на Србија да интервенира во резолуцијата за Косово ќе се одрази и на европската интеграција на земјата.

„Го препорачуваме она, што порано го одбивавме“

И Светлана Ѓурѓевиќ-Лукиќ, заменик-претседател на Форумот за меѓународни односи од Белград, се согласува дека измените на резолуцијата ќе имаат далекусежни последици. Со оглед на тоа што во новиот текст веќе не се говори за осудување на едностраното отцепување на Косово, Србија на тој начин индиректно се откажала од инсистирањето на меѓународното право во однос на правото на сецесија:

„Тоа ќе биде мошне значајно за многу земји од таканаречениот глобален југ, како и за БРИК земјите, кои од сопствени причини не го поддржуваа правото на отцепување. Можеби тоа нема да биде толку изразено на денешното гласање, меѓутоа ќе има одек во меѓународното право и во натамошниот развој на односите на ниво на ОН.“

Kosovo Unabhängigkeit Feiertag
Српската резолуција сега ќе биде поддржана од сите земји-членки на ЕУФотографија: DW

Чедомир Антиќ, пак, претседател на „Напредниот клуб“ од Белград, смета дека по измените на текстот Србија се ставила во многу непријатна позиција.

„Србија сега всушност го прифати планот на Марти Ахтисари, кој претходно го одбиваше. Значи сега дојдовме во позиција она што порано го одбивавме, сега да им го препорачуваме на ОН и да се надеваме дека тоа ќе го поддржи целата меѓународна заедница.“

„Сега ќе се расправа околу практични прашања“

Измените во резолуцијата се позитивни за Косово, смета политичкиот аналитичар Рамуш Тахири, бидејќи таа во потполност го почитува мислењето на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Воведена е и сосема нова ставка, во која се вели дека двете страни ќе водат дијалог, почитувајќи го меѓународните документи и дека тој дијалог ќе биде овозможен од ЕУ.“ Според Тахири тоа ќе значи дека двете страни во идниот дијалог ќе настапат рамноправно и ќе разговараат околу практични прашања, а не околу статусот на Косово, како што досега бараше Србија.

Политичкиот аналитичар Иљир Деда, пак, оценува дека доколку изменетата резолуција помине на Генералното собрание на ОН, во идниот дијалог Приштина ќе биде под притисок на меѓународната заедница:

„Да попушти што се однесува до автономноста на северниот дел на Косово, како и воведување на еден нов вид територијалност за српската православна црква на Косово.“

Почетокот на расправата во Генералното собрание на ОН во Њујорк околу српската резолуција за Косово почнува денеска (09.09.) во 21 часот по средноевропско време.

Автор: Трајче Тосев/АТ/ММ/ЗЈ/ИП

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема