1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ист газда, други статисти

Ивица Петровиќ/сн9 август 2016

Србија конечно добива нова влада. Александар Вучиќ го претстави својот досега четврти тим. Но суштината е иста, велат соговорниците на ДВ: Вучиќ се прашува за сѐ

https://p.dw.com/p/1JedA
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Sulejmanovic

Избори, драматични неколку месеци во исчекување на нова влада, наводни надворешни притисоци на мандаторот Александар Вучиќ, политичари кои не можат да одат на море (или сега мораат оттаму брзо да се вратат за да го слушнат експозето на премиерот), ќе влезе ли Либерално- демократската партија во владата, бескрајни кадровски шпекулации, сето тоа е зад нас: Србија по речиси 6 месеци, ако тука ја сметаме и предизборната кампања, ќе добие нова влада. Ако се погледне крајниот резултат, заедно со се новите имиња во владата, сега е уште понејасно зошто се одеше на избори. По прераното соборување на владата на прогресивците и социјалистите повторно добивме влада на прогресивци и социјалисти, и на некој начин сме таму каде што бевме на денот на изборите на 24. април. А во меѓувреме го добивме и случајот „Савамала“.

Политиката ќе остане иста

„Едноставно ми е неверојатно дека загубивме 6 месеци и оти на крајот добивме нешто што изгледа како старата влада“, вели за ДВ новинарот на неделникот „Време“, Дејан Анастасијевиќ. „Со тоа очигледно се праќа сигнал дека политиката ќе ни остане иста како што беше пред изборите. Граѓаните на Србија сега имаат целосно право да се прашаат што ни требаше сето ова. Не е спорно оти мандаторот имаше право да бира свој тим, но ако погледнеме на оваа во суштина реконструирана влада, се' тоа можеше да се направи и без избори и трошење пари и енергија кои ни се многу попотребни за некои други работи.“

Serbien Belgrad Parlamentswahlen - Vorsitzender Aleksandar Vucic der Partei SNS bei Pressekonferenz
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Новинарот Слободан Ступар вели и дека покрај гласините не ни очекувал оти Либерално-демократската партија (ЛДП) ќе влезе во владата, бидејќи тоа е целосно нереално. „Тоа е партија која всушност и нема пратеници и не знам што би променил нивниот влез во владата во политиката на таа влада. Од друга страна, социјалистите и Ивица Дачиќ се покажаа како послушни партнери и мислам дека Дачиќ е понаклонет кон Вучиќ отколку што беше кон Слободан Милошевиќ.“

Но приказната за вртелешката на коалиционите партнери и самите членови на Владата воопшто не е важна , нагласува Ступар во разговорот за ДВ. Бидејќи, вели, со Вучиќ на чело секоја влада е иста. „Тој прави влада во која се неважни сите министри и сите институции, само тој е важен. Александар Вучиќ на тој начин ги урива сите некакви демократски текови во Србија, себе си се прогласува за непогрешлив, а историјата покажува оти тоа не е добро за ниту една земја.“

Неколку нови имиња во владата немаат никаква тежина, вели и Дејан Анастасијевиќ. „Никој од нив нема да има никаква автономија во таа влада. Сите важни и стратешки одлуки, па дури и оние помалку важните, ги носи премиерот Вучиќ. Без разлика кој било министер и да се обиде да работи нешто самостојно, или да го промени зададениот курс, многу брзо би почувствувал последици. Единствено тие нови лица ќе добијат можност да ги променат сопствените животи, да вработат некои пријатели, членови од семејството, да си го зголемат стандардот, но тоа за граѓаните е целосно неважно.“

Лидерот во тренд

Одделни кадровски решенија го привлекоа вниманието на медиумите веќе за време на претставувањето на предлогот на новата влада. Се добива впечаток дека наредна повеќемесечна тема на српските медиуми, наместо следење на резултатите на владата, ќе биде новата министерка за државна управа и локална самоуправа Ана Брнабиќ, која не крие дека е лезбејка, и која ќе биде првиот хомосексуален министер во Србија. Премиерот Вучиќ наведува дека нејзината сексуална определба е неважна, и оти таа е добар стручњак. Слободан Ступар оценува дека тоа е сепак дел од маркетингот на Вучиќ и оти тоа е „порака за Западот, ете видете каков лидер сум јас, во мојата влада и припадници на геј популацијата можат да бидат министри“. Тој, секако, очекува тоа да биде поздравено од Брисел и каде веќе треба на Запад. А нему воопшто не му е важно кој ќе биде министер на тој сектор, и онака за сѐ ќе се прашува самиот себе си.“