1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и ЕУ - охрабрување за реформаторите

2 март 2012

По повеќегодишно чекање, Србија доби од ЕУ кандидатски статус. Тоа е важен чекор, но патот до целта може да биде долг. Коментар на Верица Спасовска.

https://p.dw.com/p/14DFg

Србија конечно и официјално е кандидат за прием во ЕУ. Тоа засега е само една шанса - ни повеќе, ниту помалку. Оти, други земји од Западен Балкан веќе одамна го имаат тој статус, без во изминатите години навистина да се доближат до ЕУ. На пример Македонија, која поради спорот со Грција околу името тапка в место и до ден-денес не доби термин за почеток на пристапни преговори.

Сепак, со овој надворешнополитички успех во џебот, претседателот на Србија Борис Тадиќ може со засилена позиција да влезе во предизборната борба за парламентарните избори во мај. Тешко е замислива појасна подршка од Брисел за неговиот проевропски курс. Националконзервативните политички противници, како некогашниот премиер на Србија Воислав Коштуница, ќе имаат проблем во борбата за гласови. Гестот од Брисел дефинитивно ја ослободува Србија од имиџот на парија-држава (парија - најниска каста во Индија, н.з.), кој две децении ја биеше земјата поради нејзината улога за време на војните на Балканот. Вратата за евроатлантска интеграција е поотворена од било кога досега.

Косовското прашање и натаму е отворено

За да може натаму да оди по тој пат, Србија ќе мора да го реши спорот со Косово. Оти, се’ додека останува спорно прашањето за самостојноста на Косово, за кое Србија и натаму полага право дека е дел од нејзината територија, тоа ќе го оптоварува демократскиот развој како на Србија, исто така и на Косово, ќе го спречува процесот за пристапување на обете земји кон ЕУ и ќе предизвикува поделби во рамките на Унијата. Пет земји-членки на ЕУ се’ уште не го признаа Косово како суверена држава.

Како отежнувачки момент доаѓа и помалку или повеќе јавното агитирање на Србија за приклучување на северот на Косово, мнозински населен со Срби, кон сојата територија. Решение за косовското прашање со повторно менување на границите? Тоа треба веднаш да се отфрли, оти може да предизвика домино-ефект на Балканот, зашто директно ги засегнува и соседните земји како Босна и Херцеговина и Македонија со оглед на нивните проблеми со малцинствата. Освен тоа, повеќе од 80 земји го признаа Косово во постоечките граници.

Spasovska_Verica.jpg
Верица Спасовска

Перспектива за целиот регион

Косовското прашање не може да се реши со промена на границите. На долг рок решение е можно само ако ЕУ ја држи таа тема постојано на дневен ред. Со нејзино посредништво мора да бидат водени вистински преговори за статусот на Северно Косово, што треба да го заменат сегашниот дијалог меѓу Белград и Приштина за решавање на проблеми од секојдневието. Ако ЕУ, по оној со Кипар, сака да се поштеди од натамошен територијален конфликт, мора поактивно отколку досега да се вклучи како посредник.

Поканата од Брисел не е само за Србија важен чекор на патеката за евроинтеграција. Таа покажува и дека Унијата, и покрај сите турбуленции предизвикани од финансиската криза, опстојува на својата стратегија за проширување со земјите од Западен Балкан. Тоа е охрабрувачки сигнал за сите земји од регионот, кои се на пат кон ЕУ, да ги продолжат своите реформски напори.

Реформите се нужни

Решението од Брисел не треба да залаже дека во Србија уште многу работи не се на место и оти српското раководство дури сега мора да се зафати со непопуларни реформи: модернизација на јавната управа, позасилена борба против корупцијата и намалување на предимензионираната бирократија. Финансиската криза остави трага и во Србија, па владата во Белград мора да спроведе и вистински економски реформи - на пример конечно да ги приватизира и општествените претпријатија. Мора да биде гарантирана и независноста на судството.

Владата во Белград треба на избирачите да им ја каже вистината: пристапувањето кон ЕУ е можно само со спроведување болни реформи. Тоа би можело да го придуши оптимизмот, но затоа пак штити од лажни очекувања и горко освестување. Грците имаат многу да кажат како изгледа тоа.

Автор: Верица Спасовска

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски