1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова ескалација меѓу Србија и Хрватска

Ивица Петровиќ/Н. Домазетовиќ5 август 2016

Односите помеѓу Србија и Хрватска, по одреден период на оптимизам, влегуваат во сериозна фаза со размена на тешки зборови и меѓусебни обвинувања. Состојбата се заострува во пресрет на одбележувањето на акцијата „Бура“.

https://p.dw.com/p/1JbuM
Фотографија: DW/I. Petrovic

Откако меѓусебните односи беа доведени во релативно нормална ситуација и кога се очекуваше конечно да се продолжи кон решавање на некои отворени прашања, односите помеѓу двете земји преку ноќ се сведоа на секојдневна размена на протестни ноти. Србија реагираше негативно на низа случувања во Хрватска, а најмногу на отфрлањето на судските пресуди за Бранимир Главаш и Алојзиe Степинац, како и на подигнувањето на споменикот на Миро Барешиќ, убиецот на југословенскиот амбасадор Владимир Роловиќ.

За степенот до кој ескалираше реториката говори и изјавата на министерот за полиција Небојша Стефановиќ, кој на шефот на ХДЗ Андреј Пленковиќ му порача дека „Србија нема да ги премолчи фашистичките и усташките злосторства“. Самата изјавата можеби немаше да предизвика голема загриженост, но одредени српски медиуми побрзаа да го пребројат воениот арсенал на двете земји и да ја пресметаат веројатноста за воена пресметка меѓу нив. Се појавија и шпекулации за можноста западните земји да ја убедат Хрватска да ја нападне Србија и да ја поддржат во истото, како што го направија тоа за време на распадот на Југославија.

Односите не беа никогаш поправени

„Кога говориме за некакво претходно подобрување на односите, јас мислам дека таквото подобрување беше привидно“, изјави за ДВ новинарот на весникот Данас и поранешен амбасадор на Србија во Хрватска, Радивое Цветиќанин. „Односите суштински се нарушија со признавањето на Косово од страна на Хрватска и од тогаш речиси и да не се поправија. Во однос на сегашната криза, сметам дека овој пат внатрешната ситуација во Хрватска е главниот извор на проблемите, како и мекиот однос на владата на Орешковиќ и Карамарко кон десничарите и усташите. Мислам дека тоа предизвика непотребен одговор од страна на Србија, што на крајот резултираше со инфлација на протестни ноти“, објаснува Цветиќанин.

„Секако, не го спорам фактот дека поништувањето на судската пресуда за Драгослав Михајловиќ ги подигна страстите во Хрватска“, додава Цветиќанин и продолжува: „Како што е срамна и иницијативата за судска рехабилитација на Милан Недиќ, која се надевам дека нема да се случи, бидејќи тогаш Србија нема да има никаков морален дигнитет во наредните сто години“.

Kroatien Erinnerung an Operation Sturm
Прослава во Хрватска на годишнината од операцијата „Бура“Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kasap

Ослободување од луѓето на деведесетите

Основната причина за денешната ситуација е тоа што властите во Србија и Хрватска ги сочинуваат „деца на деведесетите“, смета Душан Јањиќ, од Форумот за етнички односи. „Двата табори не се способни да се соочат со одговорноста за целиот ужас кој тогаш го оставија зад себе, затоа што тоа би значело рушење на нивните политички позиции. Втората причина е тоа што политичарите во двете земји се навикнати цело време да се во предизборни кампањи и често да одат на избори. Меѓутоа, она што е најважно е таканаречениот трет удар, кој ги чека сите земји од регионот, а тоа е ослободување од луѓето од деведесетите. Сметам дека тоа добро го знаат и политичарите во двете земји, па оттаму доаѓа и нивната несигурност“, потсетува Јањиќ. „Поради тоа, тие се држат во клинч и ги враќаат во политичкиот дискурс темите за усташите и четниците“.

Одбележување на годишнината од воената акција „Бура“ се подготвува во Хрватска и Србија. Душан Јањиќ смета дека во Србија акцијата „Бура“ сеуште се смета како воена акција во која страдаа цивили и во чии рамки беа извршени воени злосторства. Сепак, Белград избегнува да отвори дискусија за фактот дека тоа беше договор помеѓу Милошевиќ и Туѓман, зад кој се криеше поделбата на Босна и Херцеговина. Впрочем, самиот Милошевиќ во еден ТВ разговор отворено призна дека „акцијата ја договoриле со Туѓман“ потсетува Јаниќ.

Kroatien Offensive Krajina
Егзодусот на Србите од Краина во 1995 година.Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stankovic

Бремето на минатото

Во однос на протераните Срби од Хрватска, Јањиќ смета дека тука не е многу направено, а социјалната положба на најзагрозените и понатаму е тешка. Белград го занемарува фактот дека многу од протераните Срби имаат хрватско државјанство и дека ним не им одговара ваквата реторика. „Мислам дека поради тоа е потребно повеќе да се работи на барање на решение за нивна инклуција во Србија или во Хрватска“, истакнува Јањиќ.

Влошувањето на односите помеѓу двете земји доаѓа во момент кога Србија оствари многу напори тие да се подобрат. Сепак, праксата покажа дека добрата волја не е доволна. „Србија и Хрватска имаат длабоки проблеми и тешка историја позади себе и тоа не смее да се релативизира“, напоменува Радивоје Цветиќанин. „Притоа можам да се согласам дека декларативната спремност на Александар Вучиќ да ги подобри регионалните односи не беше лоша. Но, во Хрватска нему сеуште не му веруваат, пред сè поради неговото лично минато. Луѓето не веруваат дека тој го застапува тоа што го говори. Од една страна Вучиќ има добри јавни настапи, а одеднаш на прес конференција влегува во оган и го покажува неготово поранешно лице.“

Незавршена војна

Радивоје Цветиќанин потсетува дека по завршувањето на својот амбасадорски мандат напиша текст насловен „Војната е готова“, во време на посетата на Тадиќ на Вуковар. „Сега веќе не сум сигурен дали бев во право, вели Цветиќанин. Ми се чини дека оваа опасна реторика не сугерира дека војната не е завршена, туку нешто многу поопасно, дека војната не е довршена. Како да во некое идно време таа би требало да се доврши. Мислам дека многумина го делат тоа мислење. Рационалната политичка елита тоа мора да го има предвид и да предупреди доколку дојде до таков развој на настаните“.