1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија нема луѓе за амбасадори

Ивица Петровиќ / Елизабета М. Фиданоска22 ноември 2013

Министерството за надворешни работи на Србија призна дека нема кандидати за испразнетите амбасадорски места во Кина, Германија и САД. Дали проблемот е во негативната селекција или партиско-политичката подобност?

https://p.dw.com/p/1ALv7
Фотографија: Nedim Grabovica/klix.ba

Изјавата на министерот за надворешни работи на Србија, Иван Мркиќ (на фотографијата), дека нема доволно квалитетни кадри коишто би ги пополниле амбасадорските места во клучните светски престолнини е само еден од показателите на кризата во српската дипломатија. Фактот дека не може да се пронајдат кадри за амбасадори во две земји постојани членки на Советот за безбедност на ОН (Кина и САД) и во највлијателната земја во ЕУ (Германија), секако нанесува голема штета на српската надворешнополитичка позиција.

Министерот Мркиќ се обиде да го ублажи проблемот објаснувајќи дека е лошо интерпретиран и дека не рекол оти Србија нема кандидати, туку дека нив ги нема во Министерството за надворешни работи. Познавачите на меѓународните прилики, меѓутоа, сметаат дека тоа не е утешно и дека Србија на тој начин покажува несериозност во дипломатските односи. Дополнителен удар е и неславниот обид да се обезбедат агремани за амбасадорски места за Зоран Јеремиќ во Германија и Оливер Антиќ во Вашингтон. Јеремиќ беше амбасадор во Германија во времето на Слободан Милошевиќ, додека Антиќ беше член на Српската радикална партија во текот на 1990-тите.

Паралелно со изјавите на српскиот министер, во белградските медиуми се појавија и написи за напредување преку ред на млади дипломати, што за многумина претставуваше и клучен доказ за негативна селекција.

Политичка неподобност

Податокот дека не можете да обезбедите амбасадори во три земји кои се во гурпата од 5-6 најважни надворешнополитички партнери во светот, покажува дека српската дипломатија е во сериозна криза, оценува за ДВ Предраг Симиќ, професор на Факултетот за политички науки и поранешен амбасадор во Франција.

„Доколку тие земји во Србија имаат угледни и многу способни дипломати, а вие не можете да обезбедите реципроцитет да ја претставите земјата на соодветен начин во тие земји, тогаш тоа во најмала рака зборува за непочитување на реципроцитетот. Тоа е нешто што е многу важно во дипломатијата, а тоа е искажување почит кон одредена земја“, вели Симиќ.

Професорот Симиќ додава дека кризата на српската дипломатија секако не значи дека Србија нема луѓе кои ги познаваат приликите во Кина, Германија и САД и кои би биле добри амбасадори во тие земји. Но, таквите луѓе очигледно не исполнуваат некои политички критериуми, истакнува Симиќ:

„Попрво мислам дека станува збор за политичка неподобност на тие луѓе, значи за нивна политичка неприфатливост за властите во Србија. Мислам дека тоа во моментов е главен проблем. Ако тоа е така, тогаш едноставно не требало ниту да се сменуваат досегашните амбасадори, туку требало да се остават додека не се најдат адекватни личности кои ќе дојдат на нивно место“.

Auswärtiges Amt Serbiens, Belgrad
Недостиг на кадри?Фотографија: DW

Симиќ додава дека е „очигледно дека немирната ситуација во земјата ги пореметила вредносните критериуми и дипломатијата“. Партиите, според него, често „во дипломатијата гледаат паркинг за своите ислужени и непотребни кадри“. Така сега „Министерството го сочинуваат или млади и неискусни кадри, или луѓе кои се на крајот на својот работен век и за кои амбасадорското место е само награда за бивши заслуги“, нагласува професорот Симиќ.

Тесен круг професионалци

Признанието на министерот Мркиќ ги покажа сите грешки на неговиот концепт за професионализација на дипломатијата, нагласува за Дојче веле, Владан Марјановиќ, уредник во магазинот НИН за надворешна политика. Се покажа дека сепак не е можно само потпирање на тесен круг професионални дипломати, вели Марјановиќ.

„Тој поради тоа веќе не е во состојба да обезбеди доволен број луѓе за сите испразнети места по светот. Од друга страна, со своето одбивање да побара решение надвор од професионалниот круг, значи во невладиниот сектор или во некои други општествени структури, тој себеси само автоматски си ја стеснува базата од која може да бара решенија за потенцијални места“, нагласува Марјановиќ.