1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Србија: Сага околу националниот херој Ѓоковиќ

Немања Рујевиќ
12 јануари 2022

Тениската ѕвезда го доби судскиот спор во Австралија, но сега се наметнуваат дополнителни прашања за неговиот позитивен ковид-тест. Но, не и во Србија. Таму поддршката за Ѓоковиќ е неизмерна.

https://p.dw.com/p/45Qit
Мурал со ликот на Новак Ѓоковиќ во Белград
Мурал со ликот на Новак Ѓоковиќ во БелградФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

На Новак Ѓоковиќ му е жал, на неговиот агент секако. Тениската ѕвезда на Инстаграм пишува дека на 18 декември намерно имал интервју и фотосесија за францускиот спортски весник Л'Екип иако бил заразен со коронавирусот. Вели, не сакал да ја разочара новинарката.

„Кога ќе размислам, тоа беше погрешна пресметка и прифаќам дека требаше да ја одложам оваа обврска“, пишува Ѓоковиќ.

Формуларот за влез во Австралија, признава, исто така бил погрешно пополнет. Неговите вработени не споменале во него,  дека тој во меѓувреме бил и во Шпанија. Самиот Ѓоковиќ не криеше дека престојува во Марбеља околу новогодишната ноќ. Тој тренираше таму и објавуваше фотографии на интернет.

Така продолжува драмата за неговиот наводен позитивен ковид-тест од 16 декември. Има и назнаки дека неговиот тест можеби бил манипулиран. Значи, дали ситните детали ќе му се удрат од глава на најдобриот тенисер во светот?

Новак Ѓоковиќ мора да испорача уште многу објаснувања
Новак Ѓоковиќ мора да испорача уште многу објаснувањаФотографија: James Ross/AAP/dpa/picture alliance

„Две можности, двете лоши“

Искусниот српски епидемиолог Зоран Радовановиќ може само да одмавнува со главата. Веќе две години тој неуморно ја критикуваше лабавата ковид-политика и ниската стапка на вакцинација  во Србија. „Од моја гледна точка, постојат две можности, и двете лоши: Ѓоковиќ или се шетал заразен или пак на Австралијците им претставил лажиран тест“, вели Радовановиќ за ДВ.

Повеќе: Случајот Ѓоковиќ му ја покажа на светот суровоста на австралиската гранична политика

Сагата околу Ѓоковиќ, кого сите во Србија го нарекуваат само Ноле, стана огромна неизвесна драма за целата нација. И само малкумина се осмелуваат да се изразат критички, на пример за недоследностите на ПЦР-тестот на тениската ѕвезда. Ова беше пресудно за влезот во Австралија и сега, како и целото судско досие, е јавно достапно .

Во него се вели дека резултатите од лабораторијата, според кои Ѓоковиќ бил тестиран позитивен, биле објавени на 16 декември во 20 часот и 19 минути. Следниот ден, сепак, Ѓоковиќ им делеше трофеи на млади тенисери, а интервјуто за Л'Екип го даде наредниот ден.

Лажиран тест?

Резултатите од ПЦР-тестовите во Србија обично веднаш им се соопштуваат на засегнатите, но тоа во овој случај не може да се каже со апсолутна сигурност. Ѓоковиќ сега вели дека резултатите ги дознал дури по терминот со децата. Така се поставува прашањето: Дали овој тест воопшто постоел?

Протести во Србија поради односот на Австралија кон најдобриот светски тенисер на 7 јануари 2022
Протести во Србија поради односот на Австралија кон најдобриот светски тенисер на 7 јануари 2022Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Сега германскиот ИТ-колектив „Zerforschung“ дава индикации дека тестот би можел да биде лажиран. Кодот за потврда на сертификатот покажува наод на 26 декември, а не, како што е наведено, на 16 декември. Значи ли тоа дека некој го создал тестот ретроспективно во српскиот централен регистар за коронавирусот? И ако е така - дали Ѓоковиќ знаел за тоа?

Доколку е така, тоа може да има последици: Прекршувањето на обврската за изолација на заразените лица, како и фалсификувањето на резултатите од тестовите, веќе се казнуваат со парични казни или дури и со три години затвор од случај до случај. 

Прво еуфорија, сега тмурно расположение

Работата треба да се разјасни, изјави за Ројтерс премиерката Ана Брнабиќ за случајот. „Не знам кога Ѓоковиќ ги добил и ги видел резултатите од тестот“, рече таа неколку часа пред објавата на тениската ѕвезда на Инстаграм. Ако знаел за позитивниот наод, според Брнабиќ, тогаш „очигледно ги прекршил правилата“.

Последните вести за случајот Ѓоковиќ го заматија расположението во земјата, кое во понеделникот (10.01.2022) наутро сè уште беше еуфорично. Ѓоковиќ, како што многумина видоа, го победи Комонвелтот на Австралија на суд. Пред тоа изгледаше како цела Србија да го следи судењето во Мелбурн - поради временската разлика среде ноќ, во живо пренесуван од српската телевизија. „Правото и правдата триумфираа“,  изјави потоа таткото на Ѓоковиќ, Срѓан, кој неколку дена претходно го спореди својот син со распнатиот Исус. 

Таткото на Новак Ѓоковиќ, Срѓан пред една од бројните пресконференции кои ги одржа во изминативе денови
Таткото на Новак Ѓоковиќ, Срѓан пред една од бројните пресконференции кои ги одржа во изминативе деновиФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Одбранбен рефлекс на една нација

„Србија нема добар имиџ во светот од 1990-тите“, вели Александар Милошевиќ, уредник на либералниот белградски весник Данас. „Затоа мнозинството Срби ги проектираат своите надежи на Ѓоковиќ. Целата работа со Австралија се сметаше за неправда, напад врз најдоброто од нас“.

Веднаш интервенираше семоќниот претседател Александар Вучиќ, таблоидите лојални нему бесно пишуваа за „напад врз целиот српски народ“. Сега во Србија се надеваат дека Ѓоковиќ може да ја брани титулата на Австралија опен.

Сѐ уште, меѓутоа, не е конечно одлучено дали на Ѓоковиќ ќе му биде дозволено да остане во Австралија. Австралискиот министер за имиграција би можел повторно да му ја укине визата. Едно нешто сепак изгледа јасно: тенисерот ќе биде пречекан како херој во Белград, без разлика дали ќе биде депортиран од Австралија или ќе се врати со трофеј во раката - пркос и одбранбен рефлекс на цела нација.

Однапред подготвеното мислење на Западот

Веројатно и поради претставувањето на Ѓоковиќ во многу западни медиуми. Тие зборуваат за него како противник на вакцината, смешен езотеричен или себичен милионер. Дебатата за тениската ѕвезда се води премногу емотивно од „двете страни“, вели новинарот Милошевиќ. Не се спомнува фактот дека тој донираше милиони евра за борба против пандемијата во Србија, Шпанија и во Италија, на пример.

„Дури и западните новинари имаат однапред подготвено мислење и сакаат само да го прикажат Новак како негативец“, вели Милошевиќ. „Сега неговата одлука да не се вакцинира а сепак да патува во Австралија е стилизирана како барање за посебен третман. И тоа не е точно. Затоа што тој само сакаше да го искористи своето законско право на медицински исклучок“.

Србија: Вакцина за доверба

Не е агитатор против ковид-вакцинација

Иако Србија беше една од првите земји во светот која набави доволно дози за вакцинација против коронавирусот, сепак, само околу 47 отсто од жителите во моментов се двојно вакцинирани.  Авторитарната влада околу претседателот Вучиќ, за волја на вистината, е за вакцинација, но, телевизиите постојано во ударните термини ги канат противниците на вакцинацијата, кои изнесуваа најлуди теории на заговор во дебатите. Затоа епидемиологот Радовановиќ посакуваше Новак Ѓоковиќ да предводи со личен пример. Но тенисерот остана невакциниран.

„Тој е пример за многумина и можеше да придвижи нешто, особено кај помладата генерација“, вели Радовановиќ. „Но, мора и искрено да се каже дека Ѓоковиќ никогаш не агитирал против вакцинацијата против коронавирусот. Тој повеќе сакаше да ја избегнува темата и се однесуваше неутрално“.

Со своите 82 години, Радовановиќ, како што вели, останува буден „како вампир“ навечер пред телевизорот кога Ѓоковиќ игра во САД или во Австралија. „Бидејќи тој е еден од ретките што ни носи радост во оваа беда. Затоа ми е многу жал што сега се случува сето ова“.