1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија: Спонтан протест и (не)контролирано насилство

Наталија Милетиќ
15 јули 2020

Одамна на улиците на Белград не била забележана волкава бруталност кон демонстрантите и напади врз полициските службеници како во претходните денови. Дали насилството било планирано и организирано?

https://p.dw.com/p/3fMCO
Serbien I Ausschreitungen in Belgrad
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Откако завршил со работа, доцна вечерта во вторникот на 7 јули Петар Петровиќ (вистинското име е познато на редакцијата) отишол дома, каде го гледал обраќањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за влошената епидемиолошка ситуација во земјата. Претседателот тој ден најави повторно воведување на полициски час во Белград за време на викендот. Оваа вест била повод, објаснува Петар во разговорот за ДВ. „Отидов на демонстрациите за бидам уште еден број повеќе, без никаков мотив да правам хаос, туку да покажам дека сум тука. Ќе беше почесно да речеа оти не се во состојба да се носат со што било, тогаш народот можеби ќе разбереше и ќе останеше дома“.

Кога стигнал на протестот, полицијата веќе тргнала да ги разбива демонстрантите. Бегајќи од солзавец, Петар и другите демонстранти кај фонтаната на плоштадот Никола Пашиќ најпрво ги нападнале луѓе во цивил кои одбиле да се легитимираат. „Едно од момчињата ги праша кој се и бараше да се претстават и да покажат легитимации. Станаа уште поагресивни и почнаа да го тепаат“, објаснува тој за ДВ.Во општиот метеж кој настанал, Петар видел дека кон него трча кордон полиција. Почнал да бега, се сопнал и паднал. Полицијата потоа го тепала со палки и го шутирала додека лежел на земја.

Лоша безбедносна проценка

Иако во Белград во изминатите години имаше масовни протести, полицијата, изгледа, реагираше пропорционало со заканите.

Истражувачот од Белградскиот центар за безбедна политика, Саша Ѓорѓевиќ, за ДВ вели дека е можно на овие последни протести оти лошата безбедносна проценка на случувањата довела до непрофесионално однесување на одделни полицајци кон демонстрантите.

„И во минатото се случуваа инциденти, но овој протест е поинаков поради најмалку три причини. Најпрво, најнасилен е во претходните 10 и повеќе години. Одамна не е забележана толку голема полициска бруталност кон демонстрантите и напади на полициските службеници. Потоа, протестот се организираше среде пандемија. На крајот, протестот не беше хомоген во смисла дека учествуваше само една група незадоволни луѓе, туку повеќе групи поради што подготовката на полицијата требаше да биде посериозна“, заклучува тој. Во разговорот за ДВ Петар Петровиќ понатаму објаснува дека, откако го претепале, неуниформирани лица го спровеле до Собранието. „Двајца ме фатија под раце, трет за врат и со секој чекор добивав по три удари. Кој како стигнеше да удри удираше со раце и со нозе. Во Собранието приведените ги тепаа луѓе во цивил. Униформирани лица видов дури кога ме префрлија во полициската станица во Земун.“

Serbien Belgrad Coronavirus | Proteste gegen neuen Lockdown vor dem Parlament | Polizeieinsatz
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

САЈ на улиците

Покрај бројните полицајци во цивил, на улиците на Белград за време на протестите се мобилизирани посебните единици на полицијата задолжени за јавниот ред и и мир и спречување на насилство на спортски натпревари - Жандармеријата и Полициската бригада за Градот Белград. Меѓутоа, Саша Ѓорѓевиќ вели дека е интересно присуството на Специјалната антитерористичка единица (САЈ). „Во законска смисла постои можност САЈ да извршува и други работи ако некои единици не можат самостојно да ја завршат работата. Интересно, бидејќи не можам да се сетам дека САЈ некогаш и' помагал на Жандармеријата околу протести и слични ситуации од висок ризик. Што беше сега поинаку САЈ да излезе на улиците? Инаку, САЈ се ангажира на предлог на директорот на полицијата и со претходно одобрение на министерот за внатрешни работи да извршува најсложени задачи од висок ризик, пред сѐ во спротиставување на тероризам.“

Повеќе:

-Србија: Остана само улицата, а таа е непредвидлива

-Во Србија беснее коронавирусот и врие гневот кај народот

-Протести во Србија – долгата сенка на комунизмот

Новинарката на КРИК Весна Радојевиќ, исто така, смета дека присуството на САЈ не е вообичаено на демонстрации и оти укажува на тоа дека првите денови на протестот немало целосна контрола на улиците. Во прилог на тоа зборуваат и бројни маскирани луѓе во цивил околу зградата на Претседателството.

„Ние не знаеме кои се луѓето кои ги снимивме како неофицијално обезбедување на Претседателството на Србија и кои не сакаа да ни се претстават, но сигурно не беа дојдени да протестираат. На една од снимките се гледа како некои од нив разговараат и со полицијата која беше поставена околу зградата на Претседателството“, вели Радојевиќ.

Бурна ноќ во Белград

Хулигани на работна задача

 Иако во овој момент е тешко да се каже дали овие луѓе се дел од некоја навивачка група, Весна Радојевик за ДВ вели дека не е необично државата да користи хулигани за своите потреби и додава оти најповрзани со државата се „Јаничарите“, навивачи на Партизан. За ескалација на конфликтот на улиците на Белград од ден на ден всушност допринеле различните организирани групи на цивили поготвени на насилство. Покрај полициските службеници, брутално се нападнати и бројни новинари. Саша Ѓорѓевик за ДВ вели оти смета дека полицијата реагирала неадекватно за да ги спречи овие инциденти.

„Се стекнува впечаток оти изразувањето на насилство било планирано и организирано, бидејќи камењата и факелите беа на право место и во право време. Таквите активности требаше да се препознаат и да ја предупредат полицијата во цивил за да не дојде до насилство“, заклучува тој.

Хаосот како државна причина

Претседателот на Србија, Александар Вуöиќ, поддржан од државните медиуми, ги обвини проруските и антиевропските сили, антиваксерите, противниците на мигрантите и нa 5Г технологиjaта за хаос на улиците на Белград. Тој исто така рече дека целта на протестите е да се поткопаат тековните преговори за решавање на статусот на Косово.

Соработник за надворешна политика на тинк-тенк организацијата„ЛСЕ Идеи“ во Лондон, Вук Вуксановиќ, за ДВ изјави дека Вучиќ се покажал како многу прагматичен политичар, кој се прилагодува на секоја ситуација во зависност од домашните и меѓународните ризици со кои се соочува.

„Ова е очигледен обид тој да ја користи Русија како жртвен јарец за овие протести. Тоа е, исто така, и обид за мало ублажување на проруските сентименти во неговиот дел од електоратот. Тоа е рецепт кој е многу препознатлив на Балканот. Повикување, а понекогаш и пренапумпување на руската закана за да се обезбеди западна поддршка. Во исто време, тоа е мал индикатор за фактот дека руско-српското партнерство не е како што беше порано, затоа што Србија сѐ повеќе е подготвена да ја замени Москва со Пекинг, кога станува збор за партнери од исток “, вели Вуксановиќ.

Serbien I Ausschreitungen in Belgrad
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Протест во екот на епидемијата

Иако е тешко да се разграничи кој сѐ учествувал во насилството на улиците на Белград, кои биле мотивите и кој го наредил, голем број граѓани излегоа на улиците револтирани од државното управување со епидемијата и поради сомнежот  во веродостојноста на официјалните податоци за бројот на смртни случаи од коронавирусот.

Протестите во екот на епидемијата секако се неповолни за граѓаните. Бидејќи, судејќи според сѐ, владата во наредните денови ќе го искористи ваквиот израз на незадоволство на улиците за повторно да ја пренесе одговорноста за зголемувањето на бројот на болни и на починати врз граѓаните.