1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба за одложени одлуки

Биргит Шмајцнер/ Жана Ацеска15 септември 2012

Барем една добра вест за министрите за финансии од еврозоната – по зеленото светло од германскиот Уставен суд, ЕМС може да стартува од октомври. Загрижува состојбата во Шпанија.

https://p.dw.com/p/169cx
Фотографија: Reuters

На Кипар денеска продолжуваат разговорите на министрите за финансии на земјите од еврозоната. Многу надежи, но на првиот ден (14.09) немаше конкретни одлуки. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле истакна:

„Неформалните средби имаат предност , бидејќи не мора да се донесат конкретни одлуки, човек може отворено да дискутира“.

Гласините околу Шпанија се демантирани

А за дискусија имаше многу, на пример - дали задолжената Шпанија ќе побара помош од партнерите или не. Шпанскиот министер за финансии Луис де Гуиндос планира до крајот на месецов да предложи реформска програма и со тоа да одбегне барање за помош. Гласините дека Мадрид веќе преговара со Европската централна банка и со ММФ и тоа за над 300 милијарди евра тежок пакет за помош преку широка акција на откуп на државни обврзници, се демантирани.

EU-Finanzministertreffen auf Zypern
Шефот на ЕЦБ Марио Драги и шефицата на ММФ Кристин ЛагардФотографија: Reuters

Многу дискусии се потребни и за жешката тема - дали Грција со својот реформски курс на штедење ги исполнува условите да и‘ биде исплатена следната транша од кредитот. Одлуката за тоа нема да падне толку брзо. Според шефот на Еврогрупата, Жан Клод Јункер, тоа ќе биде кон средината на октомври. Значи, во Атина продолжува тензијата и исчекувањето.

Сепак повеќе време за Атина?

Светлина на крајот на тунелот за Грција сепак има, зашто земјата која западна во тешка рецесија, сепак може да добие на располагање повеќе време за спроведување на најважните цели. Шефицата на ММФ Кристин Лагард најави можност за временско олабавување. Слично се изјаснија и Австрија и Холандија, кои досега беа повеќе на страната на Германија во однос на пролонгирањето на рокот за грчките реформи. По ова прашање министерот Шојбле остана осамен.

Добро е што министрите во Никозија имаа барем еден позитивен пункт – новиот Постојан фонд за стабилизирање на еврото може да започне со работа кон крајот на октомври. Шефот на Еврогрупата Јункер го означи ЕМС како „робустна меѓународна финансиска институција“.