1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Среќа е што не изгледам како геј“

Динко Грухоњиќ / Жана Ацеска3 октомври 2012

Во Србија ни денес не е лесно јавно декларирање како припадник на хомосексуалната популација. Огромното мнозинство се решава за тајност, движењето се ограничува главно на познат круг луѓе.

https://p.dw.com/p/16JCa
Фотографија: picture alliance/dpa

„Јас сум од помало место во Војводина, веројатно најконзервативното. Израснав во опкружување во кое луѓето на прв поглед не би рекле дека сум хомосексуалец. Така научив да комуницирам без страв и бев слободен во изразувањето. Се‘ додека тоа не стана предмет на интерес на некои неонацистички групи. Оттогаш мојата сигурност не е како порано“, раскажува Неша, кој се отселил од своето место и сега живее веќе 20 години со својот партнер во Нови Сад.

На мета на екстремистите

„Едно момче беше хомосексуалец, а кога го препознаа како таков во градски автобус, беше нападнат и избоден со нож од чиста омраза, затоа што некој мрази хомосексуалци. Тоа порано не се случуваше“, раскажува Неша.

Милан Антонијевиќ, директор на Одборот на правници кои се борат за човечки права, вели дека и покрај фактот што ниедна Парада на гордоста во Србија не е одржана на вистински начин, во Србија во последните 12 години многу нешта се променија на подобро во однос на човековите права на припадниците на хомосексуалната заедница.

Symbolbild Homo-Ehe
Фотографија: AP

„Сега веќе не постои мнозинско расположение за борба против хомосексуалната заедница, туку полека тоа сфаќање преминува кај екстремистички групи кои постојат во секоја земја, но се на маргините и претставуваат еден до два проценти од оние подготвени да преминат кон насилство“, оценува Антонијевиќ.

Нашиот соговорник Неша пак, вели дека се движи главно во круг луѓе кои ги познава и во кој нема проблеми:

„Пријателите, а и оние каде работиме, знаат дека сме хомосексуалци, мислам дека знае и пошироката општествена заедница, соседството. Добри сме со сите, можеби затоа што избравме да живееме во помирна средина како што е новосадската, посебно во постарите делови од градот“.

Како да се озакони хомосексуалната врска?

Сепак, кога ќе излезе од тој круг и кога се обидува да оствари некои права врз основа на тоа што е невработен, а партнерот му е вработен, наидува на пречки:

„Службеничката ме праша дали имам сопруга и дали таа е вработена. Сфатив дека всушност имам ’сопруга’ која е вработена и плаќа придонеси, но тоа системот не го признава. Тоа се сепак ситници што го сочинуваат животот“, истакнува Неша.

Massendemo gegen Umzug Homosexueller in Belgrad Serbien
Минатите години Парадата на гордоста во Белград значеше полни раце работа за полицијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Милан Антонијевиќ од Одборот на правници за човекови права вели дека Србија мора да отиде чекор натаму во почитувањето на правата на хомосексуалците, кои се граѓани како и останатите.

„Следните чекори сигурно ќе бидат во врска со размислувањето за регистрирање на партнерството, заради остварување на истите права при наследувањето, издршката, социјалната и здравствената заштита. Тоа е минимум и не знам кој од политичарите може да даде негативен одговор на таквите барања“, смета Антонијевиќ.

Нашиот соговорник Неша го прашуваме - дали неговите родители знаат дека е геј?

„Да, знаат, но интимно тоа не ми го одобруваат. Но, тоа не ги нарушува нашите однсои, комуникацијата. Бевме кај психолози и тие ни препорачаа да разговараме за работите кои не‘ поврзуваат, а не за оние кои не разделуваат“, одговара Неша.

Во еден момент продолжува:

„Разговарав со татко ми и го прашав што мисли за тоа да имам дете. Тој не сака да ме поддржи во тоа, иако инаку постојано ме поддржува, цел живот. Но, тука повлече линија на разграничување, што ме заболе“.

Неша замоли да не се објавува вистинското име, а за радио-репортажата, малку да му го промениме и гласот. За секој случај.