1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Среќа, љубов, мир и бериќет за Бадник

Сашко Димевски 6 јануари 2009

Православните христијани со осветени бадникови гранчиња и покрај посна трпеза го прославуваат Бадник - ден во кој се очекува доаѓањето на Божик.

https://p.dw.com/p/GSyq
Бадниково гранче пред Соборниот храм во СкопјеФотографија: MIA

Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, денеска (6 јануари 2009 г.) здружението „Бадник“ по 17-ти пат делеше осветени или благословени бадникови гранчиња, нафора и топлена ракија. Илјадници граѓани се собраа пред црквата и низ игра и песна ги поздравија стариот и новиот кум на Бадник.

Orthodoxe Weihnachten in Mazedonien
Г.Г. Стефан на БадникФотографија: MIA

Традиционалното одбележување на Бадник го благослови архиепископот охридски и македонски Г.Г. Стефан, здравица кажа писателот Венко Андоновски, а кумството го преземаа членовите на групата „Синтезис“.

Осветените бадникови гранчиња, што според црквата значат здравје и среќа, но и благослов и најава за раѓањето на Христос, вечерва во секој православен христијански дом, на бадниковата вечера ќе бидат ставени под свечената, посна трпеза.

Прославата на Бадник почна со коледарските огнови и песни. Традицијата вели дека во стари времиња коледарските огнови гореле цела ноќ. Со жарот од него, изутрината домаќинките ги потпалувале домашните огништа. Потоа замесувале благи колачиња и со нив ги пречекувале коледарите.

Бадник е време кога семејството се собира на посна вечера. Според традицијата, домашните треба да изнесат од се’ по нешто на трпезата, за годината да биде бериќетна.