1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Среќните Англичани и безволните Французи одат во четвртфинале

ЕМФ/миа20 јуни 2012

Англија со победа ја исфрли Украина од ЕП, па сега и двете земји домаќини на првенството се само во улога на гледачи. Франција исто така оди во четвртфиналето, каде ќе мора да се бори со Шпанија.

https://p.dw.com/p/15IDC
Фотографија: Reuters

Англија на „Донбас Арена“ во Доњецк го победи ко-домаќинот Украина со 1:0, додека Франција загуби со 2:0 од веќе отпишаната Шведска на „Олимпискиот Стадион“ во Киев.

Првото место во „Д“ групата го освои Англија со 7 бодови, пред Франција со 4, Украина и Шведска освоија по 3.

Натпреварот во Доњецк го реши повратникот во репрезентацијата на Англија, Вејн Руни (беше казнет поради црвен картон), со голот во 48. минута по асистенцијата на капиетнот Стивен Џерард. Украинците кои беа подобар ривал во првиот дел не ги искористија своите шанси, а во 62. минута Марко Девиќ го совлада Џо Харт. Џон Тери ја исфрли во игра, иако топката ја мина гол-линијата, но сепак судијата Виктор Касаи (Унгарија) и неговите помошници не покажаа на центарот. Украина загуби и остана само да жали за пропуштените шанси.

UEFA EURO 2012 Schweden Frankreich Zlatan Ibrahimovic Jubel Tor
Шведска ја победи Франција, но сепак не оди натамуФотографија: Reuters

На дуелот во Киев, Шведска оствари „пирова“ победа, откако со головите на Златан Ибрахимовиќ во 54. минута и на Себастијан Ларсон во 90. минута ја совлада Франција. Французите, сепак, одат во четвртфиналето, каде противник им е Шпанија, додека Англија за противник ќе ја има Италија.

На Европското првенство денеска е слободен ден, а четвртфиналните натпревари се играат од четврток до недела (21 до 14 јуни).