1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српски претставници не смеат да одат на Косово во предизборна кампања

Александар Методијев/бета/миа3 октомври 2013

Косовската влада донесе конечна одлука да им се забрани на српски функционери да доаѓаат на Косово за време на предизборната кампања, информираше министерот за надворешни работи Енвер Хоџај. Кампањата почна денеска.

https://p.dw.com/p/19tBx
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto

„Тоа нема да се промени, без оглед на притисокот кој Србија ќе го врши во Брисел. Немам што да додадам на она што вчера го рече заменик-премиерот на Косово Хајредин Кучи. Ниту еден претставник на Србија нема да може да влезе на Косово додека трае изборната кампања“, рече Хоџај.

Косовската влада вчера го одби барањето на српскиот премиер Ивица Дачиќ да ја отвори предизборната кампања за локалните избори на Косово во Штрпце, на југот од земјата. По одлуката на косовските власти премиерот Дачиќ најави прекинување на бриселските преговори со Косово.

Првиот потпретседател на српската Влада Александар Вучиќ изјави дека ваквата одлуката на приштинските власти е „неразумна, ирационална и бесмислена“.

Symbolbild Kosovo Serbien Einigung
Косово нема да отстапи и покрај притисокот што Србија ќе го прави во БриселФотографија: picture-alliance/dpa

„На некој начин, одлуката е скандалозна, но секогаш сакам некои работи да преноќат, па тогаш да направиме договор како и што да работиме“, рече Вучиќ. Тој истакна дека во секој случај, „не може да се дозволи понижување, но оти е важно да се почека ден или два пред да се реагира“.

Политичките партии, граѓанските инцијативи и независните кандидати денеска официјално ја почнуваат предизборната кампања за локалните избори на Косово, кои се закажани за трети ноември. За градоначалничките места во косовските општини се пријавија 224 кандидати, а за советници во општинските собранија има 7.740 кандидати. На изборите учествуваат 103 политички субјекти, од кои 50 од редовите на албанската заедница, 31 од српската, три се турски, девет босански, три црногорски, по еден горански, египетски и хрватски, а по два има од ромската и ашкалиската заедница.

Предизборната кампања завршува на први ноември на полноќ, а втори ноември е ден на предизборен молк.