1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стабилноста на Балканот не е побитно нарушена

23 мај 2006

Реакции по референдумското изјаснување за одвојување на Црна Гора од државната заедница со Србија

https://p.dw.com/p/Ac6P
Франц-Лотар Алтман
Франц-Лотар Алтман

Рајнер Штинер, пратеник во Бундестагот и претставник на германските либерали за балкански прашања, за тоа што е во моментов најважно, вели: „Мораме многу јасно да ставиме на знаење дека сега е најважно да имаме демократија во Црна Гора, таму да бидат изградени управни структури, да профункционира правната држава, да бидат изградени безбедносни органи соодветни на европските стандарди“ – рече Штинер за Дојче Веле.

Франц-Лотар Алтман, експерт за Балканот при берлинската фондација „Наука и политика“, во разговор за нашава куќа вели дека во новонастанатата ситуација не гледа промена за севкупната стабилност на Балканот, иако не може сосем да се исклучат натамошни потреси.

„Мислам дека за целокупната стабилност на Балканот сега не настанува некоја голема разлика, можеби со еден мал исклучок: би морало да се сочека како врз Босна и Херцеговина ќе се одрази одделувањето на Црна Гора од Србија, дали и во Република Српска политичките сили се доволно мудри сега да не го користат тоа како аргумент за под дадените околности да им подлегнат на сопствените стремежи за независност. Но, всушност не го очекувам тоа и мислам дека и таму јасно се согледува оти единствената иднина лежи во сегашните рамки на Босна и Херцеговина. Значи, не гледам промена за севкупната стабилност на Балканот“.

Франц-Лотар Алтман не гледа директна поврзаност на одлуката во Црна Гора со решавањето на статусот на Косово: „Тоа, се разбира, е прашање кое стои на прво место. Но, можеби тука може да се аргументира дека Србија сега се ослободи од 2-от фронт за аргументации и дискусии и може целосно да се концентрира врз косовското прашање. На друга страна, се разбира, може да води и кон тоа Србија сега да влезе во дискусијата во врска со Косово и со покрути, нешто поневолни позиции, зашто веќе загуби еден дел од последната Унија.“

Алтман смета дека расположението во Црна Гора решавачки се промени во последните недели пред референдумот. „До пред 2-3 недели не го очекував ваквиот резултат, но сега, откако остана да виси прашањето со Младиќ и поради тоа беа запрени преговорите со ЕУ за договор за стабилизација и асоцијација, имав чувство дека тој аргумент може да им значи силен поттик на наклонетите кон сецесионизам или на дотогаш неопределените – и со тоа беше прескокната пречката. Значи, мислам дека прашањето за Младиќ даде силен поттик“ – изјави за Дојче Веле Франц-Лотар Алтман, експерт за Балкан од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин.