1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стадионите во Германија не се доволно безбедни

11 јануари 2006

Пет месеци пред отворањето на светското првенство во фудбал, аларм во Германија.

https://p.dw.com/p/Aeje
Фотографија: dpa - Report

Организацијата за заштита на потрошувачите и тестирање на стоките Варентест од август 2005-та ги проверувала безбедноста на стадионите на кои ќе се играат натпреварите. Резултатите не звучат баш добро.

4 германски стадиони добија црвен картон поради големи пропусти. Игралиштата во Берлин, Лајпциг, Гелзенкирхен и Кајзерслаутерн, според оценките на Варентест, не ги исполнуваат стандардите кога станува збор за можностите за брз излез или заштита од пожар. Во случај на паника, таквите недостатоци би можеле да имаат катастрофални последици. Исто така, на уште 4 стадиони забележани се значајни пропусти – станува збор за фудбалските терени во Хамбург, Франкфурт на Мајна, Штудгарт и Дортмунд.

Експертите од организацијата беа решителни во предупредувањата во случај на еуфорична паника. Претствникот на Варентест, Хубертус Примус, објасни:

,, На средбата Германија - Коста Рика таков развој на настаните е речиси исклучен. Но кога нашите холандски пријатели би играле против Англичаните, тогаш може да избие паника. Доколку во таа ситуација не се преземени однапред сите можни мерки на безбедност, подоцна ќе се чудиме што ни се случило“ рече Примус. Ваквиот извештај експресно предизвика остри реакции. Прв за збор се јави Франц Бекенбауер, претседател на Организациониот комитет на светското првенство.

,,Организацијата се покажа како добра во контролата на квалитетот на кремите за лице, на маслиново масло, на правосмукалки и со тоа треба и натаму да се занимава, порача Бекенбауер. Органиѕаторите на Светското првенство, пак набрзина свикаа прес конференција и се обидоа да го ублажат критиките. Потптретседателот на организациониот Комитет, Хосрт Шмидт, рече дека германските стадиони имаат различни концепти за безбедност:

,, Не постојат повеќе места за стоење па спотред тоа ситуацијата во случај на паника е сега сосема поинаква отколку пред 5 или 10 години. Што се однесува до излезите за итни ситуации, изготвени се експертски аналиѕи за тоа како тие да изгледаат. Постојат и поинакви, но сепак соодветни излези за итни ситуации кои еднакво им одговараат на стандардите за безедност на публиката.“ рече Шмидт.

Практиката покажува дека за избивање паника на стадионите не се потребни многу големи причини. На пример, доволно е да снема светло или навивачите да почнат да фрлаат предмети од трибините. Оние што во такви ситуации се обидуваат да го избегнат притисокот на масата навивачи, најчесто бегаат во насока на игралиштето. Но стадионите во Берлин и Лајпциг на пример, во таквата намера би им попречиле премногу длабоките ровови или високите ѕидови на стадионите.

Сепак експертите во Германија сметаат дека се уште има време да се поправат недостатоците, иако до почетокот на фудбалскиот спектакл има само уште 5 месеци. Земјата досега потроши 1,5 милијарди евра за реновирање на стадионите , на чии зелени терени, од 9 јуни до 9 јули ќе играат големите натпревари.