1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стариот договор истекува, нов нема...

5 декември 2009

Денеска (05.12.2009) истекува договорот за разоужување, кој во 1991 година го потпишаа тогашните претседатели на САД и на Советскиот сојуз Џорџ Буш сениор и Михаил Горбачов. Преговорите за нов договор се‘ уште траат.

https://p.dw.com/p/KqNH
Фотографија: AP Graphics

Со договорот СТАРТ Москва и Вашингтон се обврзуваат значително да ги редуцираат нивните стратешки атомски арсенали, со кои меѓусебно си се закануваа од почетокот на Студената војна во 50-те години.

Договорот СТАРТ им дозволува на двете земји да имаат до 6000 веднаш расположливи атомски боеви глави и уште по 1600 носечки системи за нив.

Двете страни нивните арсенали со боеви глави во последните години ги намалија секоја на околу 2200.

Од мај оваа година течат преговорите меѓу САД и Русија во Женева за продолжување на СТАРТ договорот, со што се предвидува натамошно редуцирање на атомските арсенали. Поттикот за ова го даде американскиот претседател Барак Обама во април во својот говор во Прага, изјаснувајќи се за свет без атомско оружје:

„Врз основа на моето убедување и одговорноста на Америка за мир и безбедност, јасно го изразувам својот стремеж за свет без атомско оружје.“

Побавно од очекуваното

Како прв чекор Обама предложи потпишување договор кој ќе го замени постојниот, СТАРТ. Во јули тој со својот руски колега Дмитри Медведев договори временска рамка за преговарачите од девет земји. Новиот договор треба да утврди горна граница за бројот на стратешки атомски боеви глави од максимално 1675 и за носечките системи на максимално илјада.

Долго изгледаше дека новиот договор ќе биде потпишан пред да истече стариот. Преговарачите од двете страни во меѓувреме подготвија веќе еден предлог-договор, кој ги содржи бројките за атомските глави и носечките системи, но се‘ уште постојат големи разлики во поглед на верификацијата на идниот договор преку меѓусебни инспекции и технички инструменти за контрола.

Barack Obama spricht in Prag über atomare Abrüstung
Обама при говорот во ПрагаФотографија: AP

Спорни точки

Со истекувањето на СТАРТ договорот, САД би морале да ја затворат својата станица за набљудување Воткинс, која се наоѓа 600 километри источно од Москва. Од неа американските инспектори за вооружување го следеа производството на модерните руски Топол-М-ракети и другото оружје. Русија, која својата набљудувачка станица во САД ја затвори пред повеќе години, сака во новиот договор да прифати само помали по опсег верификациони и контролни механизми.

Но, на оваа точка новиот договор за вооружување би можел да падне во американскиот Сенат при ратификацијата. Таму на демократите на Обама им се потребни гласовите на најмалку седум републиканци. Нивни водечки претставници најавија одбивање, ако клаузулите околу верификацијата во договорот што ќе го наследи СТАРТ излезат слаби.

Дека патот кон свет без атомско оружје нема да биде лесен, навести и Обама во својот говор во Прага:

„Не сум наивен. Целта за свет без атомско оружје нема да биде брзо остварена. Можеби не додека сум жив. За неа се потребни трпение и упорност. “

Автор: Андреас Цумах/ Жана Ацеска

Редактор: