1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стари ветувања во стар изборен декор

Златка Пурковиќ19 март 2009

Жителите на градот под кулите на Крале Марко се поделени. Локалната власт велат, за едни била мајка, а за други маќеа. Меѓутоа досега на ниту една власт не и` успеа да го реши главниот проблем, невработеноста.

https://p.dw.com/p/HFKW
ПрилепФотографија: Petar Stojanovski

Рекламни паноа, импровизирани бини, штандови од кои трешти музика и на кои се делат запалки, капчиња, маици, посети по домовите. За ваква предизборна кампања се определија политичките партии за локалните и претседателски избори. Ништо ново и ништо поинаку од претходните. Предизборната кампања најмногу се чуствува во прилепската чаршија која отсекогаш била барометар на сите случувања во градот.

Кафе муабет за изборите

Кафеаната „Кај Иге“ која е лоцирана до градскиот плоштад кадешто се одржуваат сите митинзи, важи за главно место на кое се оди на кригла пиво, утринско кафе, но и на муабет.Тука се раскажуваат последните случки но и се мери рејтингот на политичките партии. Сопственикот вели дека во последниве четири години прометот не му се зголемил многу. Сепак, тој забележал дека кај граѓаните владее зголемено задоволство од она што било направено на комунален план.

Prilep, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Само неколку метри подолу во прилепскиот пазар го сретнавме бавчанџијата Миле Стојкоски. Подобрувањето на животот на граѓаните тој го гледа од свој личен агол. Минатата година го продал целото производство, а оваа, сиромашатијата си го направила своето. „Луѓето немаат пари, минатата година ја продадов целата производена зелка и тоа по триесет днари, но годинава се` ми остана. Тешко оди и продавањето на компирот“, се жали Миле.

Политичка поделеност

Прилепчани сепак се единствени дека на комунален план се реализирале досега најмногу прокети. Меѓутоа, во зависност од политичката определеност Прилепчани различно ги коментираат заслугите на локалната власт. Едни се жалат за зголемените даноци и такси на комуналните претпријатија. За некои Македонија станала партиска држава во која партиските војници ги добиваат тендерите. Дел од граѓаните пак сметаат дека е подобрена хигиената во градот и работата на комуналните претпријатија. Други се жалат дека за разлика од некои кои виделе благодет од оваа влада, тие имале големи проблеми со притисоци од разни инспекции. Главниот проблем е сепак невработеноста.

Назадување на демократијата

Александар Цветковски, кој преку невладиниот сектор активно е вклучен во процесот на демократија констатира дека процесот на децентрализација почнал да заживува, но демократските процеси одат во обратен правец. Демократијата според него се гледа во тоа колку луѓе има вклучено во власта и во донесувањето на одлуки. Тоа во Прилеп се случува се` помалку. Изборната битка во Прилеп ќе се води меѓу ВМРО ДПМНЕ, кој на власт беше и изминативе четири години и СДСМ. Помалите партии неколку дена пред изборите ја подржаа досегашната локална власт. Интересно е што штандовите на овие два политички противника се само на неколку метра раздалеченост.