1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старо пријателство меѓу американските и германските тајни служби

Диана Песлер/ Симе Недевски11 јули 2013

Најбараниот човек на светот не престанува да ја шокира светската јавност. Едвард Сноуден изнесе тврдења дека германските и американските разузнувачки служби тесно соработуваат- и оти таа соработка има долга традиција.

https://p.dw.com/p/195DJ
Фотографија: imago/INSADCO

Најбараниот човек на светот не престанува да ја шокира светската јавност. Едвард Сноуден изнесе тврдења дека германските и американските разузнувачки служби тајно и блиску соработуваат- и оти таа соработка има долга традиција.

На Сноуден повторно му тргна од рака да ја шокира јавноста. На германските медиуми им проследи информација дека американската Национална агенција за безбедност (НСА) тајно соработува со сличните служби во поголемиот број западни земји, па така и со Германија. На прв поглед, веста за соработка на тајните служби, не е никаква сензација, но во случајот на Германија сепак е. До неодамна, сите три шефа на разузнувачките служби на седница на надлежната парламентарна комисија тврдеа дека наводно ништо не знаат за американската програма за шпионирање „Призма“,

Претседателот на оваа комисија за надзор на работата на тајните служби Томас Оперман (Социјалдемократска партија на Германија) е скептичен за таквите тврдења. Околу 500 милиони снимени телефонски разговори, кратки пораки и електронски писма, речиси секој месец- звучи крајно неверојатно. „Јас искрено тоа не можам самиот себеси да си го објаснам- дека никој ништо не знае за тоа“, вели Оперман во разговорот за ДВ и подвлекува: „Во секој случај може да се каже дека тајното следење на американските власти е надвор од секакаква контрола.“

Осудени на соработка со други служби?

Стручњакот за работењето на разузнувачките служби Ерих Шмит-Енбом верува дека германските власти не морале да бидат запознаени со незаконското собирање лични податоци на граѓаните на Германија, за кое, во овој случај, се одговорни Американците. Истовремено, тој тврди дека од тие активности германските тајни служби, само би можеле да профитираат. „Пред се' во борбата против тероризмот. На тој план, пред се' технички, многу тесно и успешно соработуваат надлежните служби од земјите членки на НАТО сојузот. Од тоа и БНД има полза, што е само дополнителна причина, поради која се кријат од јавноста детали за активностите, кои ги нарушуваат граѓанските права, како правото за заштита на лични податоци“, вели овој стручњак во интервјуто за германското радио Дојчландфунк.

Со други зборови, разузнувачките служби како германските, се потпираат на меѓусебна соработка, бидејќи немаат ни финансиски, ни човечки ресурси за комплексни активности. И што е најважно, неретко немаат ни овластувања, кои другите, слични служби го имаат. Во пракса тоа значи дека се разменуваат главно „готови анализи и извештаи“ (finished intelligence), настанати врз основа на собраните информации.
Но, кога станува збор за борбата против тероризмот, постои нешто што се нарекува „рано предупредување“. „Ако НСА воочи некаква опасност, таа тие информации ќе ги размени со германските власти, односно со службите блиски до кабинетот на канцеларката.“ Токму тоа беше случај со т.н. „Зауерланд група“. Информациите за планираните напади во Германија. Берлин ги доби од американските тајни служби. Истовремено, извештајот за нивните активности, е составен на основа на податоците собрани на интернет.

Соработка со долга традиција

Но како воопшто функционира соработката на американските и германските тајни служби? Познато е дека таа од 11 септември 2001 година наваму таа е интензивирана. Во октомври истата година, сите членки на НАТО, па така и Германија, решија да ја подобрат соработката на своите разузнувачки служби. Ни ден денес не е во потполност познато какви одлуки лидерите на тие земји тогаш донеле.
Стручњакот Ерих Шмит-Енбом вели дека добрите односи со американските тајни служби се негувани и пред тоа. „До 1968 година германските сојузници имаа големи овластувања.“ Историчарот Јозеф Фожепот, автор на студијата „Надгледувана Германија“, тврди дека таа улога Американците во Германија, фактички ја имаат и денес. Таа година владите на двете земји потпишале таен договор со кој на американските разузнувачи и понатаму им е овозможено „делување“ во Германија.
Едвард Сноуден во своето последно интевју за германските медиуми, дури зборува и за едно специјално оделение на НСА, надлежно за „странски активности“. Соработката за која поранешниот американски агент зборува е организирана така што политичкото раководство има само ограничен пристап до информации за соработката со странски партнери, односно дека во неа се само делумно вклучени.

Edward Snowden
Едвард СноуденФотографија: Reuters

Објаснувања од Вашингтон

Меѓутоа, германскиот неделник „Шпигел“ известува за еден друг вид соработка на американската НСА и германскиот БНД. На германската сојузна разузнувачка служба, според тврдењата на Сноуден, и' бил овозможен пристап до системите, кои овозможуваат анализа на податоци собрани во странство. И, што е најважно, шефот на БНД таквите активности ги потврди пред парламентарната надзорна комисија. Меѓутоа, социјалдемократот Оперман кој е на чело на оваа комисија, бара повеќе информации за соработката на американските и германските тајни служби.
„Ние всушност сакаме конечно да добиеме одговор на прашањето дали е вистина тоа што го тврди Сноуден. Неприфатливо е еден човек за тоа со недели да зборува, а ние да не можеме да ги утврдиме основните факти“, се жали Оперман.
Во меѓувреме во Вашингтон се упатија највисоките претставници на германската влада и разузнувачките служби, меѓу нив е и Ханс-Петер Фридрих, министерот за внатрешни работи. Берлин инсистира на образложение од Вашингтон, кој официјално не ги отфрли тврдењата на својот државјанин во бегство. Германците сакаат конкретен одговор на прашањето дали има вистина во тврдењата на Едвард Сноуден. Каков одговор ќе добијат, ќе се дознае по враќањето на германските претставници од САД. Барем на тоа сите се надеваат.

Bildergalerie Whistleblower
Фотографија: AFP/Getty Images