1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Старт за нов „СТАРТ“?

24 април 2009

Во Рим почнаа американско-руските преговори за атомско разоружување. САД и Русија сакаат на експертско ниво да постигнат продолжение на договорот за стратешко намалување на офанзивното оружје - СТАРТ.

https://p.dw.com/p/Hd1B
Од потпишувањето на договорот „СТАРТ1“ во 1991 година - на фотографијата тогашните претседатели на САД, Џорџ Буш и на СССР, Михаил ГорбачовФотографија: picture-alliance / dpa

На првата средба, на почетокот на април во Лондон, рускиот претседател Димитри Медведев и американскиот, Барак Обама, беа единствени: тие сакаат натамошно разоружување. Треба да бидат поставени нови горни граници за атомските боеви глави и нивните носечки системи. До декември треба да биде подготвен и новиот „СТАРТ“ договор, категорични беа двајцата државници. Тогаш истекува се‘ уште важечкиот договор „СТАРТ 1“, кој предвидува намалување на стратешко атомско оружје.

Двајцата претседатели сакаат да го поддржат разоружувањето поради економски причини, но и како сигнал дека се за договор за забрана на атомско оружје. Тоа што Иран и други земји можат да добијат нуклеарно оружје, не е во интерес ниту на Вашингтон, ни на Москва. Рускиот претседател Медведев, во Лондон изјави: „По оваа средба гледам со оптимизам на нашите односи.“

Русија е задоволна пред се‘ што САД, барем во принцип, под стратешко оружје не подразбираат веќе само атомско оружје. Стратешко оружје е и она со долг дострел, со кое Москва и Вашингтон се закануваат меѓусебно на илјадници километри далечина. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров вели: „Сакам да потенцирам дека двајцата претседатели беа единствени дека е нужно редуцирање на стратешкото оружје. Ние сме задоволни со оваа дефиниција.“

Ѓаволот е во деталите

Бидејќи САД се надмоќни со конвенционално оружје, Русија стравува дека аналогно со „СТАРТ 1“ договорот може да остане во заднина, ако и со новиот договор е предвидено само редуцирање на атомските боеви глави. Затоа, Москва реагира многу воздржано на визијата на американскиот претседател Барак Обама за свет без атомско оружје.

Raketenabwehrsystem der USA in Polen und Tschechien
Ќе стане ли збор за планираниот американски антиракетен систем во Полска и Чешка?

Русија, на денешната (24.04.2009) средба во Рим, всушност сака да разговара и за планираниот американски антиракетен систем во Полска и Чешка, но за САД оваа тема стои на друг план. Вашингтон ги оправдува своите планови со опасноста од иранските ракети. Москва, пак, се чувствува загрозена од антиракетниот систем. Медведев и Обама во основа се единствени околу натамошните чекори за разоружување, но како и секогаш, ѓаволот лежи во деталите.

Преговорите можат да бидат долготрајни и комплицирани. Притоа, постои силен временски притисок, зашто првиот предлог-договор треба да биде готов до посетата на Обама во Москва, во јули.

Автор: Естер Хартбрих / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема