1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стејт департментот со поддршка за македонските евроинтеграции

СН/бг/миа20 декември 2013

Официјален Вашингтон изрази поддршка за приемот на Македонија вo Европската Унија, во својата прва реакција по заклучокот на Советот на ЕУ, каде Грција повторно го спречи отворањето на преговорите за членство

https://p.dw.com/p/1AdnQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Портпаролката на американскиот Стејт департмент Мери Харф рече дека САД ги поддржуваат интеграциите на Македонија и на Албанија, земјите кои не добија датум за отворање на преговори на Европскиот Совет.

„ САД остануваат посветени на поддршката на земјите кои имаат евроатлански аспирации, вклучително и на Македонија и Албанија. Со задоволство го очекуваме денот кога овие земји целосно ќе се интегрираат во европските институции, што ќе ги продлабочи и нашите односи и партнерство со нив“, изјави Харф, на прашање на македонската новинска агенција МИА за заклучоците на Европскиот Совет.

Во Вашингтон деновиве се одржуваат и консултации на помошникот државен секретар на САД за Европа Викторија Нуланд со генералниот секретар на грчкото Министерство за надворешни работи Анастасис Мициалис.

Предвидено е главна тема на разговорите да бидат грчките планови за првите шест месеци на 2014 година, кога оваа земја ќе претседава со Европската Унија. Грција, која го блокираше отворањето на преговорите за Македонија, најави поддршка за Србија, па и за Албанија, во нивните интеграции.

Стејт департментот воедно ја поздрави одлуката преговорите со Србија да се отворат во 2014 година. Харф изјави дека САД ќе ја поддржуваат и Србија во спроведувањето на реформите кои и се потребни за интеграциите во ЕУ.