1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стипендиите (не) ги мамат успешните во Македонија

Антоанела Димитриевска2 јуни 2013

Најуспешните ученици и студенти во Македонија се заинтересирани за стипендиите од МОН, но грижата на државата треба да биде и по нивното враќање дома, во спротивно тие и натаму повеќе ќе остануваат во странство.

https://p.dw.com/p/18iU5
Фотографија: DW

Македонија има ученици и студенти кои со своите успеси се носат рамо до рамо со оние од најуспешните земји и со своите врвни резултати често се  меѓу најуспешните. Многу од нив студираат или се на постдипломски студии на врвните факултети во Англија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Шведска, Холандија, САД и други земји.

Томислав Станковски, 29 годишен електроинженер, доктор на електротехнички науки од Универзиттеот Ланкастер во Англија е само еден од многуте македонски студенти и постдипломци кои се школувале и се школуваат во странство.

Во средно училиште и на факултет добивал стипендија за талентирани ученици/студенти од Министерството за наука и образование. Во 2008 година завршил компјутерска техника, информатика и автоматика  на Електротехнички факултет во Скопје сега ФЕИТ, со просек 9,72. Кога завршил, од  МОН не доделувале стипендии за студирање во странство, па затоа  Станковски конкурирал кај некои  од странските институции да му овозможат да запише докторски студии на некој од врвните светски универзитети. Бидејќи бил меѓу најуспешните, добил понуда за неколку универзитети, но тој се одлучил за Универзитетот Ланкастер во Англија. Добил постдипломска стипендија од 12 000 фунти годишно за школарина, стан и храна. Постдипломските му биле на факултетот за физика, кој според националното рангирање РАЕ е на прво место според квалитетот на истражување во Велика Британија и еден од водечките истражувачки оддели за физика во светот. Станковски за ДВ ни појаснува:

„Да се биде дел од ваква институција е одлично, бидејќи има најдобри услови за работа, тоа што го работиш е врвно достигнување, имаш можност да се натпреваруваш и си дел од тековната светска наука. Но не е лесно да се биде во таа силна конкуренција, затоа треба да вложиш многу труд, работа и учење за да опстоиш на врвот и го имаш цел свет на дланка. Тоа е посебно изразено во Англија, каде на универзитетите условите и критериумите се на многу високо ниво“.  

Mazedonien Land und Leute Studenten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Во Македонија итно треба да се создадат услови за работа на врвните млади научници

Томислав Станковски докторирал во 2012 година, по што веднаш започнал со постдипломски истражувања и се вработил на истиот оддел. Тој веќе има објавено и неколку свои  стручни публикации. Проектот му трае уште неполна година, по што со сопругата Ивана, која исто така е на постдипломски студии по електротехника во Англија,  планираат да се вратат дома, во Македонија.

„Ова е моја индивидуална одлука, која се надевам, не е погрешна. Јас имам колеги, можеби 30 од првите 40 студенти од мојата генерација на ФЕИТ и пријатели од Македонија кои се на постдипломски студии низ Европа. Повеќето од нив не размислуваат да се вратат, но има и малку такви како мене, кои што сакаат еден ден да се вратат дома, во Македонија. Размислувањето да останат во странство, прво е од материјална природа, што за мене не е пресудно. Второто е затоа што сметаме дека системот на научноистражувачка работа во Македонија не функционира,  но јас сум оптимист и сметам дека може да се поправи“, смета Станковски.

Тој појаснува дека разликата меѓу стипендиите од МОН, е што со нив македонските студенти се обврзани да се вратат дома. Со стипендиите од странски фондации по завршувањето не се обврзани со ништо, а поради што повеќето се одлучувата на овие вторите.

МОН досега додели 27 стипендии за студирање во странство

Министерството за образование и наука на Република Македонија и оваа година ќе додели стипендии за студенти примени на првите 100 рангирани универзитети, односно првите двеста рангирани универзитети од областа на техничките науки според последната објавена ранг-листа на глобални универзитети за високо образование од Институтот за високо образование при Шангајскиот Џио Тонг универзитет. Стипендиите се однесуваат на академската  2013/2014 година, а крајниот рок за пријавување на кандидатите е 31 август 2013 година.

Во последните три академски години Министерството за образование и наука додели вкупно 27 стипендии од ваков вид, девет стипендии за кандидати примени на високообразовни и научни институции во област која е од посебно научно, образовно и културно значење за Република Македонија (Академија за филмска и ТВ уметност, Прага, Република Чешка – ФАМУ), а доделени се и стипендии (уписнина) на 60 кандидати запишани на студии од втор циклус на Сити колеџот, Факултет за меѓународни студии при Универзитетот Шефилд, Велика Британија, лоциран во Солун, Република Грција и уписнина за пет кандидати примени на студии од втор циклус на програмата за бизнис администрација (МБА) на Френклин универзитетот од Охајо, Соединетите Американски Држави, подружница во Република Македонија.