1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици дланки ставија „потпис“ на шарената револуција

Катерина Блажевска21 април 2016

Стотици дланки во жолта, зелена и црвена боја никнаа на асфалтот пред Владата, како симбол на граѓанската битка за демократска и правна држава. Избегната „блиска средба“ меѓу двете групи демонстранти.

https://p.dw.com/p/1IaYz
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Мирно, без инциденти и со многу шарени отпечатоци од дланки, вечерва завршија демократските протести во Скопје.
„Што правам? Оставам личен печат. Сакам симболично да порачам дека дека не сум бројка и не сакам да живеам во општество во кое се мотивира пребројувањето разни списоци - за вработување, за послушност, за 'човечиња' што можеш да ги качиш во автобус и да ги разнесуваш за свои партиски потреби. Јас ставам печат против тоа, против криминaлот, против грабежот и амнестиите“, вели 21-годишниот Марко, додека го втиснува отпечатокот од двете дланки на асфалтот пред зградата на Владата.
Стотици други дланки во жолта, зелена и црвена боја никнаа на истиот простор, во придружба на графити „Нема правда, нема мир“, „Слобода“, „Оставки“...
Во боите на шарената револуција дел од учесниците ги обоија и своите лица, а
бојата малку ја „закачи“ и фасадата на владината зграда и оградата. Испразнетите канти со боја и шаренилото од разни возрасни категории на демонстрантите, сведочеа дека револуцијата секоја вечер добива нов спектар, димензии и симболи.
И покрај стравувањата од можни „блиски средби“ меѓу овие и демонстрантите од контрапротестите пред Собранието, многубројните и масивни полициски кордони кои го блокираа речиси целиот центар на градот, не дозволија приближување на двете групи. Имаше само еден критичен момент, кога дел од двата табора се пресретнаа пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, додека се движеа секој во својата насока. Полицискиот кордон и водените топови спречија да дојде до контакт меѓу нив, па за среќа се заврши само со вербални дуели и дофрлувања.
Маршот на #Протестирам се стационираше пред Владата и на булеварот Климент Охридски, откако немаше никаков друг простор за движење. Тие претходно неколкупати се обидоа да го пробијат полицискиот кордон стациониран пред седиштето на ЕУ во Скопје, скандирајќи „спуштете ги штитовите“, „кого браните“, „дојдете со нас“...

Се бои и Македонија
И во Велес вечерва по петти пат се одржааа мирните протести на граѓанска иницијатива #Протестирам. Граѓаните кои масовно се приклучија во маршот изодеа долга рута по главната улица „Благој Ѓорев“, до зградата на Општина Велес, се до Плоштадот. Петти ден бележи и масовниот протест во Струмица.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture alliance/PIXSELL
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во Штип по втор пат се одржа протест, а за првпат шарената револуција остави траги на некогашната фонтана на градскиот плоштад „Слобода“ која доби нови бои. Мирно и без инциденти завршиja и протестите во Кавдарци и Куманово.
Во сите градови беа повторени барањата на движењето #Протестирам: оставка на Ѓорге Иванов и повлекување на одлуката за аболиција, произнесување на Уставниот суд за уставноста на законот за СЈО, формирање на специјално судско одделение кое ќе ги процесуира предметите на СЈО, повлекување на одлуката за одржување на изборите на 5-ти јуни и формирање преодна влада која ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
„Се додека не се исполнат овие барања нашата борба продолжува“, порачаа демонстрантите, чиј број со секој нареден протест постојано се зголемува.