1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на Балканот од Ердогановите бегалци

28 ноември 2016

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ѝ се заканува на Европа со откажување на договорот за бегалците. На Балканската рута се шири стравот од нов наплив на мигранти. Репортажа на агенцијата ДПА.

https://p.dw.com/p/2TMNP
Serbien Flüchtlinge rund um den Bahnhof in Belgrad
Фотографија: DW/N. Rujevic

Во некогашниот царински магацин директно зад централната железничка станица во Белград владее хаос. Според проценките, само во него се сместени околу 500 бегалци, кои живеат во катастрофални хигиенски услови. Очите печат од чадот од запалените автомобилски гуми или отпад, а неверојатната смрдеа го отежнува дишењето. Пред објектот и поранешниот магацин на железницата, кој е до него, луѓето се легнати на земја. Обвиткани се со ќебиња против студот. Некои се мијат со студена вода - има само една чешма. Стотици трпеливо чекаат на својата чинија со супа и парче бел леб. Приватна странска хуманитарна организација секојдневно дели по околу 1000 порции. Но, со оглед на тоа што тоа не е доволно, дел од луѓето си готват сами, на провизорни огништа овде-онде.

Белград минатата година беше една од клучните точки на т.н. Балканска рута, по која минаа повеќе од еден милион мигранти на својот пат кон Западна Европа. Во март Балканската рута беше затворена на македонско-грчката граница. Сепак, во Србија успеаја да дојдат околу 7000 бегалци. И ако во годината претходно главно доаѓаа сириски бегалци, денес се тоа без исклучок момчиња на околу 20-годишна возраст од Пакистан и Авганистан. Неколку стотини километри југоисточно, во бугарскиот најголем прифатен камп за бегалци Харманли, недалеку од границата со Турција, има околу 3000 бегалци. Пред само неколку дена таму дојде до безредија, во кои имаше и повредени.

Во соседна Грција околу 60.000 бегалци од Турција не можат ниту напред ниту назад. На островите Лезбос и Хиос постојано има насилство, меѓу другото и судири со локалното население кое стравува за имиџот на туристичките острови.

Mazedonien Stacheldraht an der Grenze zu Griechenland bei Gevgelija
Ако дојде до нов наплив на бегалци, актуелните огради тешко ќе издржатФотографија: Reuters/O. Teofilovski

И, сето ова може да биде само мал дел од она што може да се случува доколку Анкара крене раце од договорот со ЕУ за бегалците и ги отвори границите за трите милиони бегалци колку што во моментов има во Турција. „Ни се заканува цунами од три милиони мигранти“, алармираше викендов српскиот весник „Новости“. Се размислува за поставување ограда на границата со Македонија. Слични планови има и во Хрватска. Конзервативната ХДЗ таму на тоа инсистираше уште минатата година, кога сѐ уште беше во опозиција. Од пред неколку недели е на власт.

Нов бегалски бран би можел да ги соочи балканските држави со сосема нови предизвици. Зашто, минатата година, во екот на бегалската криза, дневно имаше по околу 10 илјади бегалци кои едноставно беа пропуштани кон север - кон Австрија, а пред сѐ Германија. Но тогаш границите беа отворени. Оттогаш, меѓутоа, државите долж Балканската рута, под водство на Австрија, се изолираа. Сепак, мал дел од политичарите сѐ уште јавно го кажуваат она од што стравуваат медиумите: при наплив на бегалци како минатата година, сегашните огради тешко ќе издржат.