1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Стравот ќе значи победа на тероризмот

Рахел Клајн
21 декември 2016

Апсолутна безбедност нема никогаш да има, вели во интервју за ДВ, германскиот пратеник од владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Волфганг Бозбах по нападот во Берлин.

https://p.dw.com/p/2UdSS
Berlin geschlossene Weihnachtsmärkte nach Anschlag
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schrader

ДВ: Потврдено е дека во Берлин е изведен терористички напад. Во меѓувреме и терористичката група Исламска држава ја презеде одговорноста за атентатот извршен на божикниот панаѓур на плоштадот Брајтшајд. Дали Германија мора да се навикне дека е на нишанот на терористите?

Волфганг Бозбах: Мораме да појдеме од претпоставката дека ќе водиме долга, исцрпувачка борба против меѓународниот тероризам. Во последните години слушнавме повеќе заканувачки пораки во кои Германија конкретно е именувана како една од потенцијалните цели. Мораме да се навикнеме на помислата дека опасноста не доаѓа само од најголемите терористички организации како Исламска држава или Ал каеда, туку и од мали групи и радикализирани поединци.

Wolfgang Bosbach
Волфганг БозбахФотографија: Imago/Viadata

Дали таквите напади можат да бидат спречени?

Нема мерки кои можете да ги преземете и потоа да кажете: „Сега веќе не може ништо да се случи.“ Да имаше такви мерки, одамна ќе ги применевме. Отворено општество како нашето, за жал, секогаш отвора небранети места за терор. Тоа сепак не значи дека не треба да се прашаме како можеме подобро да ги заштитиме пред сѐ големите манифестации на кои има многу луѓе.

Дали на Германија ѝ е потребно заострување на антитерористичките закони?

Во последните години презедовме цела низа организациски и законодавни мерки. Секогаш нѐ следеше критиката дека се движиме во насока на полициска држава или на државен надзор, или дека се преувеличува опасноста од тероризмот, за да можат да се протуркаат нови закони. Тоа сум го слушнал стопати и сите стопати било погрешно. Во моментов не мислам на нови закони, туку пред сѐ на примерно опремување на нашите безбедносни служби со луѓе и техника и на подобра меѓународна соработка, бидејќи против меѓународниот тероризам можеме успешно да се бориме само со прекугранична соработка.

Канцеларката Меркел и многу други рекоа дека не смееме да се повлекуваме пред тероризмот, туку да се бориме за својата слобода. Како да ги спречиме терористите да ни го одземат тоа чувство на слобода?

Ако почнеме да го менуваме својот живот кој со задоволство го живееме, тогаш терористите победиле. Тоа е всушност разликата меѓу тероризмот и „нормалниот криминал“. Целта на тероризмот е да ги потресе државата и општеството во корен, за да ние од страв од теророт го промениме начинот на живот. Тој триумф не треба да им го дозволиме.

Deutschland LKW nach dem Anschlag am Breitscheidplatz in Berlin
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Популистичката партија Алтернатива за Германија и десничарските групи по нападот во Берлин бараат одговорни. Велат виновна е бегалската политика на канцеларката Ангела Меркел за тоа што Германија веќе не е безбедна. Дали вашата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) ќе мора да го промени курсот?

Ние нашиот курс го менувавме во последните месеци, но не за да реагираме на плитките пароли на Алтернатива за Германија, туку затоа што промената беше исправна. Тука се пакетите закони за азилот, проширувањето на листата на безбедни земји на потекло или концептот на интеграција. Тоа се сѐ исправни и важни корекции на курсот. За такво нешто не ни се потребни паролите на Алтернатива за Германија и другите.