1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв и надеж во Тунис

16 јануари 2011

Насилството и хаосот и натаму владеат на улиците на Тунис. Туристите се евакуираат, а Тунежаните се надеваат дека по падот на Бен Али, ќе падне и неговиот систем на владеење.

https://p.dw.com/p/zyGg
Фотографија: AP

Тенкови и тешко вооружени војници во опколениот празен центар на Тунис. Тие сугерираат дека состојбата е под контрола, меѓутоа од тоа, два дена по спектакуларното бегство на претседателот Бен Али во егзил, нема ниту трага. И покрај полицискиот час во главниот град Тунис, во текот на ноќта одредени вандалистички групи вршеа грабежи. Освен тоа, повторно можеа да се чујат истрели. Денеска треба да бидат евакуирани и последните туристи од одморалиштата. Во Тунис владее и натаму страв од хаос, насилство и анархија. Се’ уште не е јасно кој навистина ја има власта во свои раце.

Übergangspräsident Mebazaa Tunesien
Преодниот претседател МебазаФотографија: AP

Откако Бен Али поднесе оставка, 69-годишниот премиер Хануши беше назначен за преоден претседател за помалку од еден ден. Во меѓувреме, Уставниот совет му ја предаде функцијата на 77-годишниот претседател на парламентот Фуад Мебаза. „Се колнам дека ќе ги чувам независноста и суверенитетот на Тунис. Ќе ги почитувам уставот и неговите институции. Ветувам дека ќе ја водам државата во интерес на тунискиот народ.“

Меѓутоа, под знак прашање е дали Мебаза и неговиот премиер Хануши се во состојба да ја смират земјата. Надја Хамами, ќерка на претседателот на досега забранетата комунистичка партија на Тунис, не верува во тоа. Со двајца стари господа не може да се роди ништо ново, изјави Хамами за француската телевизија. Згора на тоа и двајцата и‘ припаѓаа на семоќната партија ЕлЦеДе, партијата на паднатиот претседател Бен Али: „Се прави обид на Тунежаните да им се украде победата по револуцијата. Хануши и Мебаза се блиски соработници на Бен Али. Тие се функционери верни на една политика и тие се многу одговорни за бруталните репресии, кои ги доживеавме во последните години. Со овие луѓе не може да се изгради демократија.“

Доколку навистина се одржат избори во рок од 60 дена, како што е предвидено, тогаш опозицијата ја чека голема работа за да ги презентира кандидатите.

Подадена рака кон опозиционерите

Долго време Тунис беше демократија само на хартија, тоа сега треба да се смени. Претседателот Мебаза има намера да им подаде рака и на оние политичари кои избегаа во егзил поради претседателот Бен Али. Меѓу нив е и шефот на партијата на исламистите Енада. Новиот претседател, меѓутоа, нема многу време да формира влада на национално единство. Колку подолго трае вакуумот во власта, толку повеќе се заострува ситуацијата. Имено, некои сакаат да ја искористат оваа ситуација, како на пример маскираните лица кои вчера попладне од возила пукаа врз случајните минувачи во Тунис. Тие најверојатно биле дел од гардата телохранители на претседателот Бен Али.

Tunesien Unruhen Flash-Galerie
Фотографија: AP

Борецот за човекови права Суха Беласен ваквата ситуација ја потсетува на падот на режимот на Чаушеску во Романија. И Тунис има свој Секуритате и таа служба може да ја однесе во бездна државата при одлучувачкиот час за нов почеток: „Овој опасен апарат од криминални милиции и тајна полиција е наследство од претседателот Бен Али. До денес тие се распространети низ целото општество. Сите овие години го набљудуваа населението, му се закануваа и го измачуваа. Тие му ја обезбедуваа власта на Бен Али и за тоа беа богато наградени. Сега не сакаат едноставно да се откажат од својата заработувачка. Тоа го гледаме во целата земја, пред се’ во Тунис.“

Меѓутоа, ако диктаторот падне, диктатурата не смее да остане. Во тоа се убедени Тунежаните и се надеваат дека новото раководство е на исто мислење.

Автор: Александер Гебел/ Александра Трајковска

Редактор: Елзабета Милошевска Фиданоска