1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стразбур - „престолнина на Божиќ“

23 декември 2008

Годинава во Стразбур по 438 пат се одржува традиционалниот божиќен панаѓур „Christikindelsmärik“ или во превод од алзашки „Пазарот на детето Исус“. Ова место секоја година е вистинска атракција за туристите.

https://p.dw.com/p/GLz1
Божиќниот панаѓур во СтразбурФотографија: AP

Се’ почна пред 438 години. „Уште во 1570 година свештеникот во катедралата во Стразбур ја критикуваше старата практика на децата да им се даваат подароци за Свети Никола и одржувањето на малиот панаѓур пред катедралата на којшто можеа да се купат подароци за децата“, раскажува конзерваторот на архивите во градот, Бенуа Журдан. По предлог на свештеникот, градскиот совет на Стразбур го заменил Св. Никола со детето на Девицата Марија - односно малиот Исус. Така се родил „Christikindelsmärik“ или во превод од алзашки „Пазарот на детето Исус“. Тој е познат по убавите украси, неизбежното топло вино и традиционалните переци, односно „брецел“.

Традицијата не само што се одржува, туку постојано се дополнува. Во 1992 година Стразбур се прогласи за „престолнина на Божиќ“ и води незапаметена медиумска кампања на својата промоција. Затоа, секоја година милиони туристи во времето пред Божиќ ги освојуваат улиците на градот. И годинава се очекуваат околу два милиони посетители и приход од над 150 милиони евра.