1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странски лек за домашната криза

Катерина Блажевска3 јануари 2013

По 21 година независност македонските институции се политички полнолетни, но не и институционално зрели за да може сами да ги надминат внатрешните кризи, оценуваат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/17CkH
Фотографија: MIA

Парламентарната криза во Македонија ќе се санира со странска асистенција, потврдуваат владини и опoзициски кругови во Македонија. Во земјата засега нема доволно политичка волја ни институционална зрелост за решавање на кризата.

Универзитетскиот професор Стево Пендаровски, причините за тоа ги лоцира во фактот дека земјата во претходниот систем немала контакт со демократија и со политички систем кој гради здрави институции.

„Првиот таков контекст е направен дури во 1991 година. Македонската институционална меморија се акумулира едвај 20 години, а институциите се градат многу долго додека да станат отпорни, како на пример, судовите во Британија или администрацијата во Франција. Ние таа отпорност се‘ уште ја немаме. Бидејќи е јасно дека лидерите на власта и опозицијата нема да седнат заедно да пијат кафе, не гледам излез од кризата без меѓународна асистенција, каква и да е таа - видлива или невидлива “, вели Пендаровски.

Според него, потребата од странска асистенција не е ендемски македонска, туку типична за сите посткомунистички земји, но и не само за нив.

„Денес многу земји членки на ЕУ користат меѓународно медијаторство. Во регионот  тоа е случај со Грција, со Словенија, во Бугарија се‘ уште постои валутен борд, иако има изменети надлежности, а Србија со години користи меѓународна асистенција по прашањето за Косово“, вели Пендаровски.

Тој потсетува дека сите важни „меѓници“ во историјата на независна Македонија се случиле со учество на меѓународна помош - приемот во ООН, окончувањето на конфликтот во 2001 година или  добивањето кандидатски статус за членство во ЕУ.

Европски проблем

Не е само Македонија во институционална криза, тврди професорката од Правниот факултет, Гордана Силјановска-Давкова. Таа укажува дека голем број европски политиколози и креатори на политики отворено говорат за институционална криза и за потреба од нови форми на интеракција меѓу граѓаните и нивните претставници во одлучувањето. Но, во Македонија системските грешки не се поправаат темелно, туку се „крпат“ тековно. Опозициската СДСМ, која се надева на странско медијаторство за излез од парламентарната криза, за да излезе на претстојните локални избори, меѓу другото, бара и вонредно засилен меѓународен мониторинг.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Институциите се градат долго додека станат отпорни, вели ПендаровскиФотографија: MAKFAX

„Македонското Собрание ‘преживеа' дури и без опозиција од 1994-1998, иако огромен број граѓани тогаш бараа референдум за предвремени избори. Секое повикување за вклучување на меѓународната заедница не само во набљудувањето, туку и во организирањето на изборите, значи делегитимација. Изворот на суверенитетот и на легитимитетот  е во граѓаните. Локалните избори, како своевиден  граѓански лакмус, ќе го потврдат или проблематизираат тоа“, смета Силјановска.        

Таа потсетува дека институционалната зрелост на патот кон ЕУ ја ценат надлежните европски институции, кои и покрај забелешките, сепак препознаа европска слика во македонската. На македонскиот пример, всушност, може да се согледа демократскиот дефицит на ЕУ.

„Kако постконфликтно општество, Република Македонија во духот на  ‘state building', што е еуфемизам за интервенционизам, многу пати се соочувала со активна улога на меѓународната заедница во ‘политичкиот дијалог', во кој нејзините претставници неретко биле ‘state builders', а граѓаните, иако според Уставот се извор на суверенитетот и легитимитетот на избраните, биле третирани како ‘stake holders'. Одговорноста за  (не)соодветните  решенија се врзувала за нашите политичари“, констатира Силјановска.

Колку трае болката, толку и лекот

Таа лоцира повеќе причини поради кои  Македонија се‘ уште има слаби институции: партократскиот модел на владеење, во кој клучна улога во одлучувањето имаат партиските водства, а не пратениците и министрите; отсуството на внатрепартиска демократија и централизирано одлучување; преширока употреба на моделот на консоцијативна демократија со кој процесот на одлучување од легалните институции се дислоцира во неформалните тела, во кое доминантна улога имаат лидерите и претставниците на меѓународната заедница; концентрација на врвни функции во исти личности со децении; авторитарното наследство, видливо на релацијата власт-опозиција, кога другиот се доживува како непријател, а не како партнер; партизирана администрација и погрешна примена на правичната и соодветна застапеност, со која етничката припадност се третира како занимање, а се занемарува  стручноста и компетентноста.

Skopje 2014 Gebäude der Regierung
За слабите институции има повеќе причини, нагласува СилјановскаФотографија: DW

Според некои теории, колку време земјата била во комунизам, толку време и‘ треба институционално да се „излечи“ од него. Според  Пендаровски, тоа би бил долг период за Македонија - речиси половина век. Тој верува дека за една деценија земјата ќе има акумулирано доволно институционална меморија и зрелост за сама да се соочи со современите предизвици.