1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегија за ЕУ

Горан Петрески26 октомври 2006

Македонската влада е реалистично-оптимистична во поглед на зачленувањето на земјата во ЕУ. Поставувањето рокови доведува само до несакан притисок и подгрева нереални очекувања, велат од владата.

https://p.dw.com/p/AdbW
Фотографија: AP

Македонија почнува силна четиригодишна еврокампања чија цел ќе биде граѓаните подобро да се запознаат со евроинтеграцијата, а истовремено земјата да се промовира меѓу членките на Унијата. Луѓето во Македонија треба да имаат реална слика за придобивките од пристапувањето, но и да знаат кои обврски ги чекаат. Пред многубројните странски амбасадори стратегијата за инфорамации и комуникации ја промовираше евроминистерката Габриела Коневска.

“Доаѓаме во период каде што ќе бидеме изложени на многу предизвици. Преговорите се една суптилна материја, каде што очекувањата и различните видици се ставаат на тест. За таа цел ја подготвуваме оваа стратегија, за да можеме заедно на патот сите оние кои што се релевантни чинители да издржиме што подобро и да дојдеме до крајниот успех – полноправно чкенство на Република Македонија во ЕУ.“

Европретставникот во Скопје, Ерван Фуере ја образложи потребата од ваква стратегија со пример дека Европејците знаат да ја обвинат унијата за се и сешто.

“Често пати се соочуваме со ситуации во кои Европската унија е обвинета за се, од лошото време до високите даноци. Затоа е многу важно, навреме да се подготви јавноста за предизвиците што ги носи членство во европската фамилија на народите“.

Намерата на владата е со оваа кампања да ги спушти очекувањата на македонската јавност за времето кога земјата ќе биде примена во Европската унија. Сега дури една четвртина од граѓаните се надеваат дека тоа ќе се случи за пет години.

“Секое дефокусирање во однос на тоа дали ова ќе се случи оваа или онаа година, во минатото ни одземаше многу време“, изјави вицепремиерката за евроинтеграции Габриела Коневска. Актуелната ја обвини претходната власт дека ширела лажен оптимизам во однос на евроинтеграциите и со тоа го подигнала прагот на очекувања. Затоа мотото на сегашната Влада е реален оптимизам - во 2007 – ма да се добие датум за старт на преговорите за членство, до 2010 да се исполнат сите обврски.

Деведесет проценти од македонските граѓани сега го поддржуваат влезот на Македонија во Европската унија, но искуството од другите земји покажало дека колку повеќе одминува процесот, толку повеќе опаѓа поддршката за евроинтегрирањето.