1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Exit Strategie Überblick

13 декември 2009

Количеството пари во системите на западните земји, што владите го внесоа со конјуктурните програми за спас на банките и другите претпријатија, отвора сега нови проблеми за дестабилизација на светската економија.

https://p.dw.com/p/L06K
Фотографија: AP

Кризата почна со тревога на пазарите на недвижнини, потоа треската се пренесе на банките што беа вмешани во такви зделки, а на крајот целата светска економија се најде во опасност. Најстрашното можеше да се спречи само со итни оперативни зафати на владите во светот. Меѓу другото Централните банки, како лек за пациентот, уфрлија неверојатни количества пари. Таквиот третман беше успешен, затоа што светската економија сепак беше спасена од колапс. Но, како и кај обичните пациенти, така и за светската економија важи старото правило, дека ако се земе преголемо количество од лекот или тој се користи предолго, тогаш ефектот може да биде спротивен од посакуваниот.

Затоа сега владите ширум светот веќе размислуваат за излезни стратегии од претераното мешање во економијата. При тоа многу е важно државните мерки да не се укинат пребрзо и со тоа да се оштети се’ уште релативно кревкото опоравување на светската конјунктура. Од друга страна, на финансиските пазари веќе се забележуваат нови меури од сапуница, бидејќи ниските каматни стапки им оставаат простор на шпекулантите за нови вложувања. Освен тоа преголемото количество пари во оптек го буди и страшилото на инфлацијата.

Deutschland Konjunktur Maschinenbau Siemens Turbinenwerk in Görlitz
Постепено враќање на одговорноста во рацете на претпријатијатаФотографија: AP

Чувствителен баланс

Решението се крие во внимателно одржување во баланс меѓу повеќе економски фактори, смета Михаел Хајзе, главниот експерт на најголемиот осигурителен концерн во светот, Алијанц СЕ:

„Гледаме дека опоравувањето на конјунктурата во Европа, но и во целиот свет, се одвива релативно синхронизирано. За тоа помогнаа ипулсите што дојдоа од политиката и сметам дека сега е време тие имуплси делумно да се намалат.“

Есконтната стапка во еврозоната се наоѓа на најниско ниво во историјата. Уште од мај годинава таа изнесува само 1%. Значи, финансиски средства има во изобилство, условите за земање кредити се поволни, а сепак претпријатијата не земаат нови кредити. Тоа се должи на нивната претпазливост, бидејќи уште не се сите убедени дека ќе дојде новиот циклус на опоравување и просперитет. Така на финансиските пазари во моментов има големо количество неискористен капитал, што ги мами шпекулантите да се впуштаат повторно во ризични зделки. И Европската централна банка веќе предупредува од појавите на нови меури од сапуница на финансиските пазари. Сепак, експертот на Алијанц, Хајзе вели дека не треба сега одеднаш да се повлечат сите државни мерки за поддршка на стопанството:„Мора да водиме сметка импулсите за поддршка да не се повлечат пребрзо. Сметам дека фискалната политика треба да остане каква што е, заедно со релативно опсежните владини програми за поддршка на конјунктурата. Тие ќе ни требаат и во 2010 година. Ако тие пребрзо се укинат, тогаш тоа брзо ќе го почувствуваме во негативен смисол на полето на опоравувањето на конјунктурата. Мислам дека е најдобро да почнеме со политиката на финансиска консолидација дури во 2011, а не порано. Но, кога е во прашање количеството на пари во оптек, на тоа поле можеме уште веднаш да почнеме со намалување.“

Devisen Euro Dollar Währung Wechselkurs
Курсот на еврото мора да остане поволенФотографија: AP

Координирана акција

Ова дотолку повеќе, вели експертот Хајзе, што мерките за намалување на количеството пари во оптек имаат секогаш временски поместен ефект. Ако денес се зголемат каматните стапки, тоа ќе има сосема мали ефекти наредната година. Она што спред него е многу важно, тоа е на ова поле да има координирана акција на меѓународната заедница: „Ако само Европската централна банка и ЕУ ја коригираат економската политика, тоа може да го зголеми курсот на еврото во однос на доларот и групата важни валути од азискиот регион, пред се’ Кина. Затоа за Европската централна банка е важно да постои координирана акција за постепено излегување од политиката на ниски каматни стапки“, појаснува Михаел Хајзе, главниот експерт на најголемиот осигурителен концерн во светот, Алијанц СЕ.

Автор: Инза Вреде/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска