1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струен мрак за домаќинствата ќе нема, но по која цена?

Костадин Делимитов
4 ноември 2021

Енергетската кризна состојба е за финансиско покривање на потребите, а не за рестрикции уверуваат надлежните. Експертите се загрижени и предупредуваат дека се реагира задоцнето. Бислимовски повикува на солидарност.

https://p.dw.com/p/42Yoh
Symbolbild steigender Strompreis Stromzähler
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонската енергетска криза ќе се решава преку кризна состојба која извесно дека ќе стапи во сила од наредниот вторник. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека тоа ќе го предложи до Владата како следен чекор по усвојувањето на уредбата која ја предвидува оваа мерка.

Денеска и утре владина комисија ќе ги утврдува деталите и следните чекори, но и висината на средствата кои ќе бидат потребни за санирање на енергетскиот сектор и потребите на пазарот. Уредбата на Владата отвора можност и за воведување на одредени рестриции. Но таква мерка засега не се предвидува:

„Рестриктивните мерки во моментов не се предвидени, но ќе се прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор со единствена цел да може да се вбризгуваат буџетски средства директно во енергетските компании во земјата, вклучувајќи ги и ЕСМ и МЕПСО, за да се зголеми нивната ликвидност. За да може да се интервенира во увозот на струја, имајќи предвид дека капацитетите моментално се лимитирани“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши во гостување во ТВ Алсат.

Со владината уредба која веќе е објавена во Службен весник се создаваат услови да се обезбеди непречено префрлање на пари од буџетот, но и други извори за покривање на загубите кои во изминатиов период се направија со дисбалансот во енергетскиот систем. Колку пари ќе бидат потребни, засега никој точно не прецизира. Од МЕПСО зборуваат за 30 милиони евра, но оваа сума веројатно е поголема. Уредбата предвидува и рестриции, но не и за домаќинствата:

„ Доколку се случи да нема доволно електрична енергија први на удар на ограничување на потрошувачката ќе се најдат светлечките реклами, осветлението на улиците, плоштадите и другите објекти ќе се намалува до минимален сигурносен обем на осветлување, потоа осветлението на излозите ќе се ограничи до минимален сигурносен обем на осветлување, а како можност е и забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простории“, се наведува во уредбата.

Во неа се предвидува употреба на повеќе мерки кои ќе зависат од состојбите, односно процентуалниот недостиг од електрична енергија. Од минимум 5 до 10%, односно до максимум 40% од т.н. билансирани количини.

„Уредбата е задоцнета“

Експертите се загрижени и предупредуваат дека максимумот е веќе постигнат:

„Уредбата која ја донесе Владата и прогласувањето на кризна состојба е задоцнета оти според она што може да го видиме ние сме веќе одамна во кризна состојба. Не само што ги исполнуваме условите за тоа, туку сме и со надмината петта фаза, а таа е доколку се надмине 40% неисполнет биланс. А ние имаме веќе 50% неисполнет биланс. Крајна мерка е дека ќе гасиме улично осветлување, реклами и излози. А во ноќно време не се троши струјата, туку таа се троши најмногу во текот на денот. Она што е клучно е да се молиме се да биде во ред со капацитетите во РЕК Битола. Не е битно кој е на власт, треба да работат капацитетите на комбинатот и се разбира да се обезбеди јагленот кој доколку го има ќе пристигне најрано за 15 до 20 дена. Тоа е клучно во моментов“, коментира за Дојче веле Константин Димитров, универзитетски професор и експерт од областа на енергетиката.

Дилемите околу набавката на јагленот треба да се расчистат во текот на денов, кога А.Д. ЕСМ „Електрани на Северна Македонија“, треба да објави детали за тендерот со кој се бараат потребните 900.000 тони. Во игра се девет компании, од кои според информациите на Дојче веле најмалку три ги имаат обезбедено потребните количини. Сепак она што е отворено е квалитетот, односно неговата енергетска вредност. Од тоа ќе зависи кој и колку од понуденото ќе биде и реализирано.

Што со цената на струјата

Уверувањата на надлежните дека рестрикции за домаќинствата и помалите бизниси нема да има се мала утеха, со оглед на предупредувањата дека кризата ќе предизвика и ценовен шок. Она што е извесно е дека до Нова година тој нема да се случи, односно  цената на струјата  нема да се коригира. Но за периодот потоа е неизвесно. Се ќе зависи од капацитетите за домашно производство, за кое предуслов е набавката на јагленот, но и цената по која енергетските компании ќе ги надоместуваат потребните количини на пазарот по 1 јануари.

Mazedonien Energieregulierungskommission
Марко Бислимовски апелира да не се крева паника околу цената на струјатаФотографија: DW/K. Delimitov

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика  Марко Бислимовски  уверува дека како регулаторно тело ќе ги искористат сите механизми кои ги имаат на располагање со цел за да не дојде до поскапување на електричната енергија:

„Регулаторна комисија за енергетика максимално ќе ги заштити домаќинставата во делот што ние го регулираме. Ќе ги активираме сите механизими што ни стојат на распологање. Една од опциите е кога ќе ги носиме одлуките за цената на електрична енергија, поради енергетската криза да донесеме одлука да ги замрзнеме профитите на енергетските компании и маржата. Кога има криза мора сите да се солидаризраат”, изјави за Дојче веле Бислимовски.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика уверува дека ќе се употребат сите механизми, но и апелира периодов да не се крева непотребна паника околу  цената на струјата и воопшто околу размерите на енергетската криза за која вели дека е резултат исклучиво на ценовните движења главно воз емјите на Европската унија.

Сепак загубите во системот се во милионски суми и тие дефинитивно дека ќе треба да се покриваат од нечија сметка. Трошоците на „МЕПСО“ изнесуваат околу 30 милиони евра и со уредбата за кризна состојба ќе се покријат со средства од буџетот. Но конечната сметка за овие средства ќе заврши кај производителите и снабдувачите кои ги имаат направено т.н. отстапувања заради кои МЕПСО била приморана вонредно да повлекува струја.

Ќе има ли одговорност

Надлежните во Владата засега не прецизираат дали овие пари се покриени и со банкарски гаранции од страна на копмпаниите. Нема одговор ниту околу евентуалната одговорност зошто кризата не се превенирала, односно зошто кога кризата била видлива, не се презеле мерки за обезбедување на потребните ресурси за домашните производствени капацитети. Експертите се сомневаат дека одговорност ќе има и предупредуваат дека уредбата која ја донела Владата содржи одредби за еден вид амнестија:

„Ако можете да прочитате во член 8 став 4 од уредбата ќе видите дека има реченица која практично ги ослободува од одговорност сите кои што не ги исполнуваат обврските кон фирмите. Тоа е страшна работа која е содржана во уредбата. Нема да можат да носат одговорност за нешто што го договориле, а не го испорачале и нема да носат одговорност. Ниту МЕПСО како оператор, ниту ЕСМ, ниту ЕВН, ниту кој било друг. Нема право на тужби, ниту какви било пенали. Се ослободуваат од одговорност тие што не размислувале, не ја организирале работата. Практично, тие се аболицирани“, предупредува професорот Димитров.

Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
Комбинатот РЕК БитолаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Од Владата засега не сакаат да прецизираат ништо поконкретно околу одговорноста:

„Сега не е момент да се отвора таква тема, туку е момент да се справуваме со кризата. Да, кога одржливо ќе можеме да се справуваме со кризата. Секако дека одредени менаџери треба да носат одговорност ако на неодговорен начин работеле со компаниите“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Во справувањето со кризата се мобилизирани и во бизнис заедницата. Од Стопанската комора како најголема бизнис асоцијација сметаат дека енергетската криза мора да се прогласи и не веруваат дека ќе дојде до рестрикции за компаниите. Првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески најави дека бизнис заедницата веќе активно е вклучена во решавање на проблемот:

„Веројатно ќе дојде до здружување на компаниите за купување на електрична енергија за цела 2022 година по фиксна цена и ќе ја платиме авансно и така ќе ги обезбедиме потребните количини за да подготвени го пречекаме почетокот на годината. Има можност за наше вклучување во активностите што ги презема државата за подигнување на степенот на производство на електрична енергија, а ќе има и солидарни потези кои ќе ги направиме како Западен Балкан, како Управен одбор на Коморскиот инвестиционен форум каде јас сум копретседател. И таму поверуваме иницијатива и бараме од Европската енергетска заедница и Европската комисија да помогнат“, изјави Азески синоќа во гостување на телевизија Телма.

„Историски“ проекти

Енергетскиот аларм во Северна Македонија се случи по дисбалансот во системот кој очигледно дека бил детектиран подолг период, а се покривал преку повлекување струја од европската енергетска мрежа без нивна дозвола. За ваквата пракса, надлежните во најмалку четири случаи добиле и предупредување од центарот во Швајцарија кој ги прави пресметките.

Актуелните случувања на енергетски план уште еднаш ги исфрлија на површина проблемите во овој стратешки сектор на државата кој со години повеќе се запоставува отколку што се развива. Плановите за големи инвестиции завршуваат главно на најави и проекти. Реалноста е дека државата се потпира главно на дотраени и полураспаднати капацитети за кои јавноста се изнаслуша еден куп ветувања не само од оваа туку и од претходните влади предводени од ВМРО ДПМНЕ. Луково Поле, Бошков мост, Стрежево, Галиште, Чебрен, гасифицирана ТЕЦ Неготино, се само дел од проектите кои одамна го имаат предзнакот историски. Ако е за утеха, државата влезе во мега проектот гасна централа кај Александрополис во Грција. Овој проект важи за стратешки, во соработка со Грција, Бугарија, под главно покровителство на САД. Засега, тој е само на ниво на потпишани договори, без поконкретни активности на терен.