1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струмица конкурира за европски пари

22 октомври 2009

Како дел од програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, Струмица конкурира со проект за урбанизација на одредени зони. На градот не му е првпат да конкурира за проекти од меѓугранична соработка.

https://p.dw.com/p/KCem
СтрумицаФотографија: Petar Stojanovski

Ако не поубав, тогаш нескромно може да се каже дека Струмица е барем еднакво убав град на сличните по големина места зад границата која ја означува Европската унија. Струмица одамна не е само земјоделска дестинација. Со убаво уреден и модерен центар, градот може да се гордее и надвор од македонските граници. Приближувањето на земјата до ЕУ пружа шанса за нови големи проекти што ќе се финансираат со пари од ИПА-фондовите. Како дел од програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, градот под Беласица конкурира со проект за урбанизација на одредени зони. Проектот за Дојче Веле го објаснува Зоран Георгиев, раководител на секторот за локален економски развој.

„Подготвуваме проект за кој ќе аплицираме со општина Петрич, наш традиционален партнер кога станува збор за вакви проекти. Тоа ќе биде изградба на целокупната инфраструктура за индустриската зона која е една од поголемите во Македонија наменета за незагадувачката индустрија.“

Во програмата се опфатени 27 македонски општини од источниот регион, а на бугарска страна - 23 општини од регионите на Благоевград и Ќустендил. Европа предвидела 4,1 милион евра за оваа програма. Од вкупниот износ, 1,8 милиони се наменети за македонските општини. Пријавувањето на проектите е во тек, а завршува во декември.

Важно е проектите да се добри

Стартот на програмата го означија министерот за локална самоуправа Муса Џафери и Јулијана Николава од бугарскиот Совет за управување со средства од ЕУ.

Strumica, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

„Проектите треба да бидат во интерес на двете страни и во корист на зближување на луѓето од меѓуграничниот регион“, вели Џафери.

„Како што се приближувате до Европската унија сумите ќе растат. Сегашните 4 милиони евра, кога ќе станете членка ќе бидат шест, седум милијарди и затоа е важно да се искористуваат со добри проекти“, објаснува Николова.

На Струмица не и‘ е првпат да конкурира

„Со Република Бугарија сме реализирале три проекти, а со Република Грција еден“, објаснува Георгиев.

Струмичани се оптимисти дека нивниот град и натаму ќе се разубавува со сопствени сили и со помош на европските пари.

„Колку што знам јас, Царевите кули се изградени со европски пари. Тие навистина ни‘ го красат градот и се надевам дека ќе имаме уште вакви проекти.“

Рокот за доставување на проектите од програмата за меѓугранична македонско- бугарска соработка започна на 14 септември и ќе трае до 14 декември оваа година.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска