1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Струшки вечери на поезијата - Вавилонска кула на јазици

25 август 2011

Струшките вечери на поезијата одбележуваат пет децении постоење. По Конески, академик Матеја Матевски е вториот Македонец, добитник на „Златниот венец “. Од денеска од Струга ќе тргнат универзалните пораки кон светот.

https://p.dw.com/p/12Muj
Струга ја има на сите поетски карти во светотФотографија: DW

Рекордни 150 поети од 67 земји и уште толку од Македонија. СВП е единствена манифестација на Балканот, а и меѓу ретките во светот, кои 50 години во континуитет на пиедесталот го имаат поетскиот збор. „Струга ја има на сите поетски карти во светот“, вели претседателот на Управниот одбор, поетот Славе Ѓорѓо Димоски:

„Годинашново издание на фестивалот ќе биде вистинска Вавилонска кула на јазици. Задоволни сме што во Струга годинава ќе имаме претставници од јазици и земји од коишто ретко доаѓале, или досега воопшто не се споменуваат во хрониките на фестивалот.“

Шестмина добитници на „Златен венец “ повторно во Струга

Der Fluss Crni Drim bei Struga in Mazedonien
Во Струга ќе дојдат шестмина носители на Златниот венецФотографија: Milco Jovanoski

Приредбите „Меридијани“, „Портретот во Света Софија“ и  „Мостови “ се непроменливи и тие се она по што се препознаваат СВП, додава Димоски:

„До сите живи учесници кои што го добиле „Златниот венец“ беа испратени покани. Шестмина одговорија потврдно, а останатите поради старост или болест испратија пораки, но нема да дојдат на фестивалот. “ 

На Струга пак ќе и‘ се вратат некогашните лауреати: Хусто Хорхе Падрон од Шпанија, Љубомир Левчев од Бугарија, Фатос Арапи од Албанија, Нанси Морехон од Куба, Васко Граса Мура од Португалија и Ференц Јухас од Унгарија. Од 1966 година, од кога се доделува венецот, до денеска, ова ласкаво признание го добиле 45 поети од целиот свет. 

Венценосците се овековечени на фотографии

Преку  фото-објективот Душко Ѓоргон ги овековечил сите добитници на „Златниот венец“ кои биле во Струга. За јубилејот подготвува изложба: 

Mazedonien Fotograf Dusko Djorgon
Душко Ѓоргон, хроничар на фестивалотФотографија: DW

„На почетокот ме ангажираа  новинари, да имаат портрет од некој поет или некои други фотографии сврзани со СВП. Така навлегов во поезијата, која беше поддржана и многу популарна кај стружани. Следната година продолжив и до денеска сум хроничар на фестивалот.“

Ѓоргон со возбуда се присетува на средбите со венценосците:

„Ги има секакви. На пример, Алберти беше еден многу народен човек, многу сериозен, и како поет и како уметник. Турчинот Дагларџа беше пристапен до секого. Сите си беа ценети и пречекани и знаеја да возвратат за доделеното признание“.

Академик Матевски - добитник на годинашниот „Златен венец “

Цели 30 години по творецот на македонскиот литературен јазик и поезија Блаже Конески, „Златниот венец“ годинава останува во Македонија, кај академик Матеја Матевски:

Mateja Matevski
Матеја Матевски е годинашниот носител на „Златниот венец“Фотографија: Sveto Toevski

„Убаво е да се биде во друштво и со Венецот и со книга на многу значајни, престижни имиња од поезијата на 20-от и почетокот на овој наш век“, вели тој.

Преку фестивалот се докажува дека македонскиот јазик е жив и постои, заклучува академик Матевски :

„Самиот факт дека поезијата  што се пишува тука е на македонски јазик, е доволна потврда  дека се пишува на еден јазик кој има свој развој, достигнувања, кој постојано се потврдува, а со тоа го потврдува и идентитетот на поезијата, на јазикот, и идентитетот на народот и на земјата во која што ние живееме“.

Во Струга ќе се одржи традиционалниот симпозиум, ќе биде отворен реновираниот Спомен дом  на браќата Миладиновци, а ќе биде соопштен и добитникот на истоимената награда. Колегите нема да ги заборават ниту достигнувањата на Блаже Конески, Анте Поповски и Гане Тодоровски. Ќе биде претставен и младиот јапонски поет Хироши Танучи, награден за дебитантска книга од страна на УНЕСКО .

Јубилејните Струшки вечери на поезијата се организациски предизвик за македонското минстерство за култура. Нова сценографија, нова симфониска изведба на антологиската Т‘га за југ. Најавено е дека во Струга ќе дојде и Ирина Бокова, генерален секретар на УНЕСКО, институција која финасиски го поддржува фестивалот.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска