1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студената калкулација на Доналд Трамп

Оливер Залет
20 август 2019

Со својата понуда за купување на Гренланд, американскиот претседател повторно го разнишува западниот повоен поредок. Целта му е остварување геополитичко влијание на Арктик, смета Оливер Залет.

https://p.dw.com/p/3OC0X
USA, New Jersey, Morristown: Donald Trump
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kamm

Познато е дека американскиот претседател се сомнева во климатските промени предизвикани од човечкиот фактор. Но, кога е во прашање Гренланд, топењето на мразот би можело да ја загрее неговата душа.

Зашто, зад Гренланд е Арктикот, а тоа е еден од ретките неискористени региони во светот со голем економски потенцијал.

Кристално јасно е дека зад понудата на претседателот за купување, се наоѓа идеја за подземните богатства, кои наскоро, благодарение на климатските промени и топењето на ледените маси, ќе станат уште подостапни. Тоа го знае дури и Трамп, човек кој ги негира климатските промени. И не крие дека САД во трката за Арктик радо би превзеле водечка улога.

Станува збор за геополитичка доминација на САД

Покрај САД, Норвешка и Данска, со Арктик граничат и конкурентите на Трамп – Русија, па дури и Кина. Иако раководството на Пекинг не контролира арктичка територија, Кина јасно ја истакнува аспирацијата кон тој регион на Северниот пол, нарекувајќи се сама себеси – „држава блиску до Арктик“.

Oliver Sallet Kommentarbild App
Оливер ЗалетФотографија: DW

Јасно е дека е во прашање нешто повеќе отколку купување недвижнина. Во трката по минерални суровини и рути за бродовите, се отсликува геополитичкиот натпревар на старите и идни хегемони за нов светски поредок. Кај Доналд Трамп не станува збор за ништо друго освен американска доминација на Арктик и тоа во  трка со ривалите – Русија и Кина. 

Притоа, идејата Гренланд да стане американски, не е нова. Во 1946 година тоа веќе се обиде да го постигне претседателот Хари Труман.  Данска и тогаш, како и сега, тоа го одби,  заблагодарувајќи се. А поглед во историските извори открива дека Алјаска, Луизијана и Девствените Острови станале американски со плаќање надомест.  „Make America Great Again" – зошто тоа еден ден не би се однесувало и на Гренланд?

Трамп го доведува во прашање повоениот поредок

Но, од 1946 години не само што поминаа седум децении. Набрзо по Втората светска војна, пред сѐ под американско водство, мораше да биде воспоставен повоен поредок. Во меѓувреме, заедничкото членство во НАТО ги поврзува земјите од Запад со САД. А меѓу нив е и Данска. Заедничкиот воен сојуз беше гарант на мирот и мултилатеризмот. Но, сега Кина им ја оспорува моќта на САД, а и претседателот Трамп тука дава свој придонес. Откако стапи на должност, тој ги потресува темелите на западните структури, настојува да ја растури Европската унија, ја доведува во прашање смислата на НАТО, се зближува со деспоти и ги избегнува старите партнери на Запад.

Понудата за купување на Гренланд за Данска можеби е табу-тема, но тоа се вклопува во погледот на свет кој го има американскиот претседател.